Јас ги држам за збор, рече денеска американската амбасадорка Анџела Агелер, прашана за пораките од високиот американски дипломат Габриел Ескобар дека САД ќе работи со Бугарија да нема нови услови за Македонија и од бугарскиот претседател Румен Радев дека уставните измени не се последниот услов.
Агелер посочи дека официјална Софија досега во неколку наврати изразила желба да ја види Македонија во ЕУ и очекува да го одржат зборот.
– Ги видов и забелешките на претседателот Радев и само сакам да кажам дека иако има многу работи кои се кажани во оваа земја, во Бугарија и во други земји во регионот, кои тие ги кажале и јас ги држам за збор, дека тие сакаат да ја видат оваа земја како се движи брзо кон членство во Европската Унија. И јас ќе ги држам за збор. И јас и сите вие сигурно знаете дека Ескобар го сака тоа многу, рече Агелер,
Тој, додаде амбасадорката, помина многу време зборувајќи со многу луѓе за тоа.
– Мислам дека е важно фокусот да не биде на тоа што тие го кажуваат, туку да биде на тоа што се прави овде. Бидејќи на крајот на денот ако луѓето овде се посветени кон движење кон ЕУ тогаш не е важно што Ескобар и претседателот Радев кажале, изјави Агелер.
Заменик помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар за време на вчерашната дебата пред поткомитетот за надворешна политика на Конгресот, меѓудругото порача дека САД силно го поддржуваат процесот за уставни измени во Македонија, за кој разбираат дека е тежок, но неопходен чекор, а истовремено работат да се осигураат дека официјална Софија нема да поставува нови барања за земјава.
Бугарскиот претседател Радев вчера пак испрати порака дека уставните измени се многу важен чекор за земјава, но не и последен. Тој кажа дека очекува да се исполнат барањата од двата потпишани протоколи кои, според него, се неразделен дел од преговарачката рамка, а ги вклучуваат јазикот на омразата, медиумите, учебниците, отварање на архивите на УДБА и рехабилитација на сите репресирани.