Септември 2023 година да биде месец на македонско-американско наследство, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивниот неверојатен придонес за САД.
Септември 2023 година да биде месец на македонско-американско наследство, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивниот неверојатен придонес за САД, предвидува Резолуцијата која допрва треба да се гласа во американскиот сенат.
Во овој документ претставен од републиканскиот сенатор од Инидијана Мајк Браун на 26 јули се наведува дека од 1880 година десетици илјади Македонци имигрирале во САД во потрага по граѓански слободи и права, верски слободи, подобри економски можности, но и како одговор на Илинденското востание против Отоманската империја, Балканските војни, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција и комунистичката политика на Југославија. Се додава дека денес, според проценките, низ САД има околу 500 илјади македонски доселеници населени во различни сојузни држави, главно во Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.
„Македонско-американската заедница во САД е енергична заедница која е вградена во мозаикот на САД, учествувајќи во сите сфери на животот – бизнисот, медицината, правото, технологијата, граѓанскиот ангажман, владата, војската, образованието, уметноста, кулинарскиот свет, атлетиката и многу повеќе, а македонските претприемачи покажаа издржливост, решителност и посветеност на напорна работа преку надминување на предизвиците за постигнување деловен успех и придонес кон основање на трговијата во САД“, пишува во резолуцијата.
Во текстот се нагласува придонесот на припадниците на македонската американска заедница во областа на медицината, во законодавните тела и судовите низ САД – притоа како што се наведува, соработувајќи во бескрајната работа на демократијата во Соединетите Држави. Во Резолуцијата се препознава и успехот на македонските американци во различни спортски дисциплини на САД, како и во разни уетнички форми како музика, танц, театар, филм, фотографија, визуелни уметности и литература.
-Се повикува народот на Соединетите Американски Држави да го одбележат месецот на македонско-американското наследство со соодветни церемонии, активности и програми кои ги почитуваат културните придонеси и достигнувања на македонските Американци.
Стои во резолуцијата која прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат. Иницијативата за резоулцијата ја поднесе Обединетата македонска дијаспора.