Пензионерите се жалат дека Сојузот на Станка Трајкова им ги укинува автобусите за утрешниот протест. Велат дека вчера и денеска во општинските здруженија се јавувале луѓе од Сојузот за да им прават притисок да не протестираат. Во дел од градовите пензионерите сами барале донатори за да им обезбедат превоз до Скопје, известува ТВ Сител.
„Неколку најави имаме дека биле повикувани и им биле откажувани автобусите бидејќи автобусите треба да ги обезбеди здружението на пензионери. Има фонд, има членарина и сето тоа. Но, под разни политички и партиски притисоци на некој му беше одземено тоа право, но ние сепак најдовме и донатори. Дали градоначалници, дали некои фирми, успеавме да организираме 30 автобуси. Имав информација за Свети Николе дека Сојузот им ги укинал автобусите, но поради притисокот на членството, повторно им се вратени“, вели Драган Угриновски од иницијативниот одбор на пензионерите/
Протестот ќе го започнат во 11 часот пред просториите на Сојузот и таму ќе го предадат писмото со нивните барања. Оттаму ќе се упатат пред Министерството за труд и социјала каде ќе бараат итна средба со министерката. Според проценките, утре во Скопје треба да дојдат околу 2 илјади пензионери од повеќе градови.
„Одиме од Велес некаде над 100 пензионери. Најголемиот дел ќе бидеме со веќе обезбеден превоз од здружението на пензионери. Што да кажеме, жално е ова што пензионерите во 21 век се принудени да одберат еден начин кој е најмалку популарен кај граѓаните. Велешани како и секогаш ќе бидат сплотени и здружени на протестниот собир во Скопје“, вели Кире Василевски, организатор од Велес
ТВ АЛФА известува дека се повеќе расте револтот кај пензионерите од односот на Сојузот кој наместо да ги заштитува нивните интереси, влегува во конфликт со нив. Последни со реакција се јавија пензионерите од Гевгелија. Бараат итна промена на раководството. Се жалат на неотчетност и нетранспарентност и обвинуваат за расипничко трошење на нивните пари. Прашуваат зошто во оваа тешка економска криза не се насочуваат повеќе пари за најзагрозените пензионери,туку вештачки се пумпаат непродуктивни ставки. Се сомневаат дека Здружението работи за нечија лична корист.
Тие се жалат дека со овие пензии не можат да го истуркаат месецот – со плаќање сметки и лекови пари за храна немале.
Претходно и пензионерите од Прилеп се пожалија од раководството на Здружението, а некои од нив и го напуштија со нотарска изјава. И битолските пензионери гневни од односот на Сојузот во кој членуваат. Тие бараа превоз за големиот протест во Скопје, но не наидоа на поддршка, па најавија дека ќе бараат помош од градоначалникот.
Пензионерите повеќе од една недела протестираат речиси во сите градови, за утре најавен е масовен протест во Скопје.Тие се децидни дека нема никој да ги предомисли, бараат – минимална пензија од 20 илјади денари и линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари.
Статистиката вели дека една четвртина од пензионерите во Македонија живеат со минимална пензија од 12.600 денари. Само околу 90 пензионери во државата го земаат највисокиот износ што може да се исплати – нешто над 54.000 денари, но тоа се главно луѓе кои печалеле во странство.