Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, реагираше во врска со знамето на Голема Албанија на манифестацијата која се одржа во Тетово за време на посетата на косовскиот премиер, Албин Курти, како и на преименувањето на улицата „Втора македонска ударна бригада“ во „Адем Демачи“. Шефот на државата тоа го нарекува „нагласување на провокативната националистичка иконографија“ која, според него, „промовира шовинистички идеи“ и „разгорува етничка омраза и нетрпеливост“.
„Организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир мора да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, со целосно игнорирање на симболите на државата.
Начинот на реализација на идејата за преименувањето на улицата во општината Чаир е во спротивност со принципот на демократска дебата и почитување на историското наследство на сите заедници во државата.“, стои во соопштението на Пендаровски.
За двете прашања, Пендаровски напишал дека очекува надлежните органи да ги преземат предвидените постапки со законот.
Претседателот на Движењето Беса, воедно и градоначалник на Тетово, Билал Касами, преку писмена реакција која ја пренесува ТВ 21 вели дека Владата вчера не успеала да го сокрие или контролира стравот од пораз на претстојните избори, а според него, особено кога опозицискиот фронт излезе на виделина и со поддршка од косовскиот премиер, Албин Курти.
реклама
„Ја разбираме загриженоста на Претседателот и Владата, на кои, зачудувачки, со поддршка и реакции излезе и Белград и знаеме дека оваа политичка реторика нема врска со посетата на Албин Курти, туку има врска со загриженоста дека албанската опозиција во РСМ се обединува и се бројат деновите на оваа влада на криминал и корупција.“, е реакцијата од кабинетот на Касами.