Православна верници во Македонија денеска го слават празникот Преображение Господово, кој се вбројува меѓу 12-те големи Христови празници и е посветен на споменот на настанот на Христовото преображение на гората Тавор во Светата Земја (Израел), кога тој ги објави своите последователни страдања и слава.

Како што објави порталот Маркукуле, во црковниот храм Св. Преображение во Прилеп традиционално беше одбележана храмовата слава. Голем број верници го исполнија црковниот двор, запалија свеќа и се помолија за здравје.

Во врска со овој празник има разни народни верувања. Кај народот постои верување дека на овој празник се преобразува целата природа, дека од утре ноќите ќе станат постудени и дека следниот ден го најавува претстојното доаѓање на есента.

На Преображение никогаш не треба да спиете преку ден, бидејќи кој спие тој ден ќе се преобрази, и ќе биде поспан и поспан цела година. Не е добро некој да плаче тој ден, ниту е добро луѓето да го поминат цел ден во кафеана – да не стане навика и да се изгубат и да се налутат. Но, она што, според народното верување треба да го направите е да пробате грозје за прв пат!