Пензионери од Кавадарци и денеска преку мирен протест, јавно побараа линеарно зголемување на пензиите, најмалата пензија да не е под 20 000 денари. Пензионерите на протестот на плоштадот во центарот на градот, јавно апелираа до сите парламентарци и до Сојузот на пензионери, да се заложат за ова.
– Бараме подобар живот. Бараме покачување на пензиите. Во Кавадарци има 6.070 пензионери, 3.000 а можеби и повеќе земаат пензија до 15.000 денари. Како да егзистираме со тие примања. Поради тоа, бараме линеарно покачување на пензиите во септември. Зошто скоро во сите општински здруженија работат пензионери со високи пензии, па плус земаат. И ние со ниски пензии знаеме, можеме и сакаме да работиме во здруженијата на пензионери, со тоа да придонесеме за подобар живот на пензионерите, повторија дел од присутните пензионери на мирниот протест.
Протестираа и пензионери од Неготино кои побараа подобар живот.
– Бараме линеарно покачување на пензиите од 3.500 денари, утврдување на минималната пензија на 18.000 денари, оставка од актуелното раководство, заради нетранспарентност и расипничко трошење на нашите пари, појасни Ката Апостолова член на Иницијативниот одбор на неготинските пензионери.
Пензионерите што мирно протестираа, нагласија дека и понатаму неуморно ќе ги бараат своите права и ќе се залагаат за подобар живот на сите пензионери.