Дел од онколошките пациенти денеска на повик на обвинителството остварија средба со обвинителите кои го водат случајот со клиниката за онкологија. Од обвинителите им било посочено дека предистрагата ќе биде детална, а тие ги повикаа сите кои имаат сознанија или сомнежи за лекувањето да информираат кај надлежните органи, информира ТВ 24.
Пациентите очекуваат длабинска истрага, како и да се дознае вистината, но и да се понесе одговорност за овој случај.
Порачаа дека тие продолжуваат со протестите и побараа да не се политизира и партизира случајот за политички поени.
Во меѓувреме пак медицинската сестра од Клиниката за онкологија, која во два наврати беше фатена во кражба на цитостатици била повикана, но не се појавила на распит во обвинителството, потврдуваат оттаму. Како што велат истражните органи во моментов ја проверуваат нејзината достапност. Според дел од медиумите таа е веќе замината во странство. И по една недела откако полицијата влезе на клиниката, од обвинителството, нема информации за кое дело водат предистрага, ниту пак има информации колку и кои се лица се опфатени и дали има конкретни докази.