Албанската опозиција се противи на владината одлука за основање на три нови коцкарски компании. Тројцата лидери Билал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити велат дека власта наместо да го ограничи пристапот до коцкањето, со новите решенија овозможува онлајн коцкање. Прстот го вперуваат кон првиот вицепремиер, кој според нив е директно поврзан со коцкарскиот бизнис.
„Овие казино компании, кои ќе бидат претежно државни, ќе овозможат онлајн коцкање на вашите телефони, таблети и домашни компјутери. Одлуката е одобрена од Владата, со потпис од Артан Груби, човекот кој во сенка стои зад секое казино низ државата. Коцкањето ќе влезе во нашите домови. Ако до сега требаше да одите во казино, по овие одлуки на Артан Груби и Владата, казиното ќе дојде во вашите домови само со неколку кликови онлајн. Ние од обединетата албанска опозиција силно се спротивставуваме на ова ширење на инфекција од казината, на секоја улица, сега дури и на интернет. Ќе се бориме со овој феномен. Зад овие бизниси и одлуки стои ДУИ, стои Артан Груби“, рече Меџити.