Со поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески изминатите неколку години воопшто немале контакт, вели ексминистерката за внатрешни работи
Моите контакти со надворешниот свет се целосно елиминирани и тешко може да се каже дека комуницирам со поранешни колеги. Можам да кажам дека во најблизок контакт останав со Миле Јанакиески.
Ова го вели поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во интервју за „360 степени“, емитувано на МРТ 1, снимено за време на нејзиното последно законски дозволено отсуство од „Идризово“, каде што помина веќе три години од четиригодишната затворска казна за случајот „Тенк“.
„Можностите за посета се ограничени. Треба да се направи добар план за правилно да се искористат тие т.н. еднократни посети. Меѓутоа, кога имам можност за тоа, пријателите ме посетуваат толку колку што е дозволено и колку што е можно. Тешко е да зборуваме за некаков контакт кога моите контакти со надворешниот свет се целосно елиминирани. Со дел од колегите, тогаш кога имало прилика, сме се виделе, сме поразговарале. Можам да кажам дека во најблизок контакт останав со Миле Јанакиески, иако и кај него условите се сменети и комуникацијата е значително отежната. Не сме во ист затвор, но дури и да сме, машкото и женското одделение за издржување казна се тотално разделени и ние воопшто немаме комуникација“, вели Јанкулоска.
Со поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески изминатите неколку години воопшто немале контакт, вели таа.
Коментирајќи ги маневрите на поранешиот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, кој направи промена на адреса на живеење за казната затвор во предметот „Империја“ да ја издржува во струшкиот затвор кој е од отворен тип, Јанкулоска се осврна на разликите за мажите и жените.
За Мијалков, вели Јанкулоска, нашол начин како законски да си ги олесни условите.
„Колку и некому да му се допаѓа или не, законот тоа го дозволува. Факт е дека во делот на извршување на санкциите, еве јас и на свој грб идентификував многу аномалии во начинот на извршување на казната, посебно начинот на кој се спроведува кај жените и кај мажите. Во мојот случај, и кај сите други жени, не е дозволено менување адреса, ниту да се издржува казна во институција од полуотворен или отворен тип, а самото тоа е тесно поврзано со правата на осудените лица, односно нивото на слобода која ја имаат. Во институции од отворен или полуотворен тип, контактите со надворешниот свет се многу почести, што значи издржувањето на казната е на некој начин полесно“, вели таа.
Зборувајќи за својот, како и случаите на другите жени осуденички, Јанкулоска вели дека таа и нејзиниот сопруг Влатко Илиевски, кој е и нејзин адвокат, успеале да променат дел од работите.
„Мојот сопруг, со добра артикулација на правните аргументи, успеа да презентира пред надлежните институции и во одреден дел се направија промени, меѓутоа тоа не треба да биде резултат на работа на поединци, туку државата треба самата да го регулира и да ги изедначи условите за машките и женските осуденици во однос на правата. До пред само неколку месеци, жените осуденици против кои се водеше друга кривична постапка, немаа никакво право да користат погодности надвор од установата, само затоа што ја издржуваа казната во институција од затворен тип, односно во ’Идризово’. Ова право не важеше за машките осуденици“, вели Јанкулоска.