Работна група ќе бара решение за зголемување на платите во правосудството. Владата донела одлука во рок од 7 дена надлежните министри со Синдикатот на УПОЗ да седнат на заедничка маса и да преговараат. До тогаш штрајкот во обвинителството продолжува – ако не им се зголемат платите колку што се покачија функционерските, односно за 78%, најавуваат порадикални мерки.
„Доколку не ги прифатат нашите барања, штрајкот ќе продолжи во поригорозен начин и нема да се работат никакви задачи во обвинителството. Ако не се договориме, очекуваме да ни се приклучат и колегите од судовите и колегите од правобранителството“, изјави Трпе Деаноски, УПОЗ, а објавува Сител.
Платите во обвинителството се далеку под просечната, велат од Синдикатот. Во просек земаат околу 25,000 денари, а работата им е тројно зголемена, бидејќи не се дозволуваат нови вработувања. За разлика од нив, обвинителите и судиите платени се 7 пати повеќе. Револтот е голем и ако за 10 дена откако ќе почнат преговорите не се најде решение, најавуваат целосна блокада во работата.
,,Една порака до министерот за финансии – ако мисли да ни ги покачи платите за 10 до 20%, воопшто нека не седнува на преговори. Ние не отстапуваме од нашето барање – 78% зголемување. За овие 5 дена веќе ни се наталожени предметите, а за тие бедни плати кои ги добиваме, не мислиме ни да работиме, изјави Изабела Илиева, Синдикат на јавни обвинителства.
Незадоволни од ниските плати и неисплата на додатокот кој им следува, на 27 септември вработените излегоа на улица. Од тогаш се примаат само итните предмети. За да не се кочи работата во судовите и обвинителствата, од Владата се надеваат дека штрајкот додека траат преговорите ќе биде прекинат. Но, од УПОЗ најавија дека ќе одлучат што понатаму откако работната група ќе почне со преговори.