Општина Струга е класичен пример за непочитување на правото и правната држава, во моментов е управувана од урбана мафија која секојдневно врши злоупотреба на законот за просторно и урбанистичко планирање, законот за градење, законот за постапување со бесправно изградени објекти.

Во општина Струга урбанистичките планови се носат за задоволување на бизнис интересите на поединци, а не за општиот интерес на сите граѓани-изјави Ален Деребан, претседател на ОК Струка и советник во општина Струга во рамки на акцијата на ВМРО-ДПМНЕ “Важно е! Од тебе зависат промените“ на дебатата насловена „Борба со криминал и корупција, темелна европска вредност“ на која се одржа денес во Струга.

Тој посочи на злоупотребите кои се прават, односно како градоначалникот дава решение за реконструкција, а на терен се градат нови објекти и го даде примерот со одобрението кое го дал градоначалникот Мерко за градење на затворена спортска сала на крајбрежјето на Охридското Езеро, каде што потоа бил изграден угостителски објект.

Организираниот криминал метастазира и во образованието и во економијата и во јавните набавки и во културата и во спортот и во сите сфери од општественото живеење од кое што може да се оствари профит. Таков е примерот со сомнителната продажба на зградата на ЈП Проаква, каде што во моментот се прават подготовки за изградба на колективна станбена зграда. Сомнителна е и набавката на службени возила од страна на градоначалникот во износ од околу 120 илјади евра, за која гласаа советниците од СДСМ и ДУИ- истакна Деребан и дополни дека од 2018-та до сега врз основа на буџетските трошоци, потрошени се 900 илјади евра на име изградба и реконструкции на депонии за отпад, а на периферијата на градот сеуште има дива депонија со големина на фудбалско игралиште.