На сите граѓани на Република Македонија им го честитам утрешниот празник, Денот на востанието во Македонија – 11 Октомври. Востанието на 11 октомври, со кое почнува ослободувањето на македонскиот народ од фашистичката окупација, претставува камен-темелник, меѓа во борбата за самобитност и за самостојност на Македонците. Денес, за жал, сме сведоци на негирање на овој настан, негирање на постоењето на македонскиот народ, негирање на ослободителниот и антифашистичкиот карактер на востанието.

Два непобитни факти се поврзани со овој настан. Првиот факт е дека државата Бугарија, а не бугарската нација, во определен период била фашистичка држава. Историски факт е дека Бугарија била фашистичка држава во периодот од април 1941 година до септември 1944 година. Според Хашкиот правилник од 1907 година, член 42, една територија се смета за окупирана кога ефективно се наоѓа под власт на некоја непријателска армија. Од друга страна, во светските речници, под окупација се подразбира запоседнување, освојување на една држава, или на дел од нејзината територија, од страна на војската на некоја туѓа држава. Така, во 1941 година, делот од Кралството Југославија, територијата што се нарекувала Вардарска Бановина, била освоена, окупирана од фашистичка Бугарија. Вториот факт е дека, прво, современата македонска држава е помлада од македонскиот народ, и, второ, дека најголемиот дел од населението на Вардарска Бановина, на денот на окупацијата од фашистичка Бугарија, се чувствувале како Македонци. Така, 11 Октомври е востание против ропството на Македонците од фашистичка Бугарија. Иако, ова се непобитни и познати работи за кои и други пишувале, честитајќи им го празникот на сите граѓани на Република Македонија, би сакал уште еднаш да подвлечам дека оддавајќи им почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание, ние треба да ја чуваме основната придобивка на востанието – државноста, за што многумина го дадоа својот живот, вели академик Љупчо Коцарев во нтервјуто за ТВ АЛФА со Љупчло Цветановски.

Цветановски: Што ќе им порачате на граѓаните по повод утрешниот празник, 11 Октомври?

Академик Коцарев: Во прилог на ова празнување кое ги дефинира темелите на македонската државност, би сакал да дополнам дека вчера, на 9 октомври, свечено го одбележавме  и Денот на МАНУ. Во врска со Денот на МАНУ, би сакал да потсетам на една инцијатива од повеќе академици, кои, за жал, веќе не се со нас, а којашто повторно ја актуализирав во 2019 година. Така, во Предлог-програмата за работата на претседателот на МАНУ за периодот 2020 – 2023 година, предложив, што е во согласност со воспоставената практика на соседните академии во Србија и во Бугарија, поточно на САНУ и на БАН, историјата на МАНУ да почнува со 28 октомври 1902 година, денот кога е формирано Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, па, оттука, Денот на МАНУ да се одбележува на 28 октомври, што значи дека, на пример, во 2024 година, МАНУ би ја одбележала сто дваесет и двегодишнината од своето постоење. Иако оваа инцијатива досега не се реализира, а мојот мандат на претседател на МАНУ завршува оваа година, сепак сѐ уште се надевам дека иницијативата за одбележување на оригиналниот датум на основањето на МАНУ, како камен-темелник на институцијата, со чие конституирање се поставија основите на стожерноста на македонската државност, ќе наиде на разбирање меѓу членовите на МАНУ и ќе се реализира во иднина.

Цветановски: Години наназад, во македонското општество се кршат копја околу т.н. Договор за пријателство и добрососедство, експресно потпишан по само два месеци владеење на тогашната влада, модификуван и антимакедонски катализиран со „Францускиот“ предлог и протоколите. Мина многу време, работите се искристализираа, кој е вашиот став околу Договорот со Бугарија?

Академик Коцарев: Да ги потсетам граѓаните дека, во 2017-тата и во 2018-тата година, три настани ја одредија иднината на Македонија. Првиот, потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, на 1 август 2017 г., од премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев, во Скопје. Вториот, потпишувањето на Договорот со Грција (или Договорот од Преспа), на 17 јуни 2018 година, во селото Нивици, Егејска Македонија, на Преспанското Езеро, од министрите за надворешни работи на Грција и Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров, и посредникот на ООН за спорот за името на Македонија, Метју Нимиц. Третиот, Референдумот за Договорот со Грција, одржан на 29 и 30 септември 2018 година. Од вкупниот број гласачи, на Референдумот гласале 36,91 процент, додека 33,76 проценти од населението гласала „ЗА“.

Ако се зборува за спроведување на Договорот со Бугарија и обврските во протоколите, тогаш неопходно е да се има предвид и Рамковната позиција на Бугарија во однос на процесот за стабилизација и асоцијација на Македонија и на Албанија – документ усвоен во Собранието на Република Бугарија, на денешен ден пред 4 години, поточно, на 10 октомври  2019 година. Во тој документ се вели: „Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешната југословенска република, по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавање од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. ’македонски јазик‘, одвоен од бугарскиот“.

Ненаучниот став на Владата на Република Бугарија во однос на македонскиот јазик е јасен и непроменет од 1949 година (по раскинувањето на Бледскиот договор) дека: на територијата на денешна Република Македонија, до 1944 година, се зборувало бугарски јазик, којшто потоа се нарекол македонски јазик, тогаш голем дел од жителите на Македонија, според овој став, до 1944 година, биле Бугари, за потоа, по 1944 година, да се преименуваат во Македонци. Во овој контекст, треба да се посочи и на Соопштението на Бугарската академија на науките, со кое таа ги поддржува напорите на бугарската влада да ја интегрира Република Северна Македонија во вредностите на Европската Унија и во кое се изразува нејзиниот став за неприфаќање на тековно предложената рамка за преговори за Република Северна Македонија пред Европската комисија, изразувајќи го својот цврст став за одбрана на историската вистина за минатото на историско-географскиот регион на Македонија, вклучително и на бугарската национална и културна припадност на мнозинството од нејзините жители.

Оттука, ако другата страна, во овој случај Бугарија, не ги признава македонскиот јазик, историја и идентитет, независно од постоењето на бугарскиот јазик, историја и идентитет, тогаш прашањата: дали треба воопшто да се водат преговори со таа страна, дали треба да се потпишуваат договори за пријателство, добрососедство и соработка или дали треба да се менува Уставот на Македонија по нивно барање, зар не ви се чини дека се бесмислени, нелогични и неправедни? Зар тоа е пријателство, добрососедство и соработка? Дали, можеби, во таков случај, единствено решение за Македонија е раскинување на Договорот со Бугарија?

Цветановски: По Договорот со Бугарија, само една година потоа следуваше и т.н. Преспански договор, нова капитулација на истата “македонска“ влада, дефетистички акт преполн со понижувачки клаузули, луцидно претставен како „вечен“ и непроменлив. Дали во реалноста, постојат „вечни“ договори и какво е Вашето мислење за Договорот со Грција?

Академик Коцарев: Актуелната политичка состојба во која сè подлабоко тоне државата е резултат на низа погрешни одлуки од минатото, донесени без широк политички и општествен консензус, само колку да се задоволат барањата на меѓународната заедница, притоа не водејќи сметка како тие одлуки ќе се рефлектираат врз состојбите во земјата и, воопшто, врз карактерот на државата. Во принцип, сите меѓународни договори, па така и Договорот со Грција, се раскинливи, меѓутоа одговорно и плански треба да се пријде кон последиците што може да произлезат од раскинувањето на договорите, а коишто со сигурност ќе се појават, посебно кога тоа се однесува на помалите држави и народи, а, пак, за Македонија, тие ќе бидат посебно жестоки и траурни.

Денеска ќе проговорам за еден друг аспект на Договорот со Грција – неговата ненаучност и директно и грубо мешање на научните толкувања во хуманистичките науки. Подетално ќе се задржам на еден научен труд на академик Петар Илиевски, објавен во 1996 година, со наслов „Јазиците на почвата на Македонија во античкиот и рановизантискиот период“. Во трудот се анализира античкиот македонски јазик, за којшто има многубројни сведоштва од класични и покласични извори, но досега, според академик Илиевски, не е откриен ниеден текст, ниту натпис од овој јазик. Меѓутоа, старите глосографи, сепак, сочувале од заборав стотина зборови – апелативи и педесетина лични имиња, означени како македонски. Најголем број од глосите, со нивното значење, запишал александрискиот граматичар Америјас (Аmeriаѕ), со македонско потекло, во III век пред Христа, но, за жал, неговиот спис не е сочуван. Дел од глосите што тој ги запишал се дојдени од записите на подоцнежните граматичари и глосографи, особено на Хесихиј (V век по Христа), и се означени како македонски.

Според академик Илиевски, близу 150 години, старомакедонските глоси се предмет на интензивни лингвистички истражувања, но нивниот оскуден фонд и отсуството на какви било текстови даваат повод за различно толкување, па не е чудно што мислењата на научниците по прашањето за нивната јазична припадност се поделени. Додека едни сметаат дека античките Македонци биле одделен источноевропски народ со посебен јазик, различен од грчкиот; други допуштаат дека Македонците биле источноевропско племе од истата фамилија од која потекнуваат Грците и нивниот јазик бил сроден со грчкиот; трети, пак, најекстремните, тврдат дека античките Македонци биле Грци, а нивниот јазик – грчки дијалект. Најревносни застапници на третава теза се современите грчки лингвисти и историчари, иако класичногрчките автори не ги признавале Македонците за свои сонародници, ги нарекувале варвари и македонската доминација во Грција ја сметале за туѓа власт. Современите грчки научници потсетуваат на современите бугарски научници, а дел од македонските политичари, би рекол, сепак, исклучиво од лукративни причини, дозволија политичките договори директно да се вмешаат во науката и да ја обликуваат. Каква иронија и невидена глупост!

Цветановски: Деновиве минаа и 5 години од можеби најголемата Пирова победа на македонскиот народ, Референдумот на 30-ти септември 2018-та, акт на несогласување и непокор, суверенистички чин и крик на народот кој власта не го почитуваше. 60 месеци потоа, како гледате на Референдумот во 2018-та година?

Академик Коцарев: Познато е дека референдумот, најзначајната и најраспространетата институција на непосредната демократија во светот, претставува облик на непосредно одлучување на граѓаните за одреден правен акт или за прашање од јавен интерес. Во реалниот живот, меѓутоа, гласачите не можат лесно да определат која од двете одлуки, ЗА или ПРОТИВ, е исправна, особено зашто манипулациите со референдумските прашања се чести, па затоа тие формираат мислење користејќи информации што, повторно, може да бидат неточни, погрешни или дури манипулативни. На пример, прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ (за што пишувале и други) е непрецизно, двосмислено, неразбирливо, конфузно, измамничко, малициозно, наведувачко, нефер, нечесно и неморално. Уште повеќе, постојат трудови што нудат не само „научно објаснување за двосмисленоста на самото поставено референдумско прашање“ туку зборуваат и за „формално-правните и материјално-правните недостатоци во структурата и содржината на оваа мошне спорна собраниска одлука“.

Од вкупниот број гласачи во Република Македонија, 33,76 проценти гласале „ЗА“.  Што мислите, каков ќе беше одговорот ако референдумското прашање гласеше: „Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО, со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција, со којшто се менува уставното име на Република Македонија и се бришат сите Македонци кои живееле и денес живеат во Република Грција?“

Во однос на референдумите, меѓутоа, постои друг проблем, исто толку суштествен како и манипулацијата на референдумското прашање. Имено, постојат такви референдумски прашања за кои, во моментот на гласање, па дури и многу години подоцна, тешко може да се определи кој од двата исхода, ЗА или ПРОТИВ, е исправен. Така, на пример, дали одлуката Обединетото Кралство да излезе од ЕУ е исправна или не, претставува прашање на коешто е многу тешко (или речиси невозможно) да се одговори, ако воопшто и треба да се одговори. Во универзумот во којшто живееме не постојат (или нам не ни е познато дека постојат), како во квантната механика или во расказот на Борхес со наслов „Градината на патеките што се раздвојуваат“, паралелни светови (еден свет во кој се реализира одговорот „да“, и друг, во кој се реализира одговорот „не“). Само тогаш, споредувајќи ги паралелните светови, би можеле, но не секогаш, да заклучиме за исправноста на изборот. Во расказот на Борхес, еден човек, соочен со (две или повеќе) алтернативи, не избира една алтернатива на сметка на другите, туку ги избира истовремено сите патеки и сите можности. Во Македонија, малиот процент на гласачи кои одговориле „ЗА“, покажа дека гласачите се двоумеле околу исправноста на тој одговор. Но, актуелните настани во 2023 г. јасно навестуваат дека на Македонија не ѝ се потребни две патеки за да се констатира погрешниот избор и високиот ненадоместлив опортунитетен трошок. Со други зборови, по Договорот со Грција од јуни 2018 г. и Референдумот од септември 2018 г., денес е сосема јасно дека патеката по која тргна Македонија може да заврши во бездна, да доведе до целосно разнебитување, разорување, распаѓање на државата Македонија.

Цветановски: Во стилот на Макијавели, според кој целта ги оправдува средствата, власта овие несиметрични договори и отстапки, како и самото референдумско прашање ги правдаше со една цел, или барем така се правдаа од власта – интеграција во ЕУ. Прашањето е  – Како во ЕУ, но не по секоја цена?

Академик Коцарев: Предлагам и се залагам Македонија да биде дел од Европската Унија, но пристапот во кој доминираат понизноста, сервилноста, недостоинственоста, па дури и нечовечноста, што тековната Влада го избрала како единствен пат за пристапување во ЕУ, е грешен и срамен, па затоа треба веднаш да се напушти. Ќе упатам неколку прашања до македонски политичари од која било провениенција: леви, во центарот, десни, сегашни и идни властодршци. Дали во Република Бугарија и во Република Грција живееле и денес живеат Македонци? Постојат голем број сведоштва, искази, документи и научни аргументи, кои покажуваат дека одговорот на ова прашање е афирмативен, па, оттука, сите договори со кои се негира постоењето на Македонците во Пирин и во Егеј се невалидни, неправедни и нечовечни. Дали знаете кога Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ? И на ова прашање одговорот го знаат сите, меѓутоа манипулациите на власта и на нивните апологети, во врска со ова прашање, се грандиозни: Не тогаш кога ќе почнат преговорите, не тогаш кога ќе се потпише Договорот за пристапување во ЕУ, туку тогаш кога потпишаниот Договор ќе биде ратификуван во собранијата на сите ЕУ-членки, па, така, и во Собранието на Бугарија. Имајќи ја предвид Декларацијата усвоена во Бугарското народно собрание, во 2019 година, Македонија ќе биде дел од ЕУ само тогаш кога ние ќе признаеме дека не сме Македонци, поточно, дека до 1945 година, Македонците биле Бугари, што значи дека Македонија и Македонците се производ, конструкција, комунистичка (или Титова) творба. Меѓутоа, Македонците ниту биле ниту ќе бидат Бугари, па затоа, прво што треба оваа Влада, и сите идни влади, да го стори, односно да го сторат, е: да се раскине Билатералниот договор со Бугарија. Треба гласно и јасно да се каже НЕ: светите браќа Кирил и Методиј не се бугарски просветители, туку сесловенски; Македонија и Бугарија немаат заедничка историја, а ревидирање на историјата по урнек на нашите соседи, условено со ништовни договори, нема никогаш да дозволиме; додека, пак, македонскиот јазик има просторен и милениумски континуитет и се разликува од бугарскиот.

Македонија сѐ уште не е подготвена да стане полноправна членка на ЕУ, но, за жал, и Унијата нема демократски капацитет да ја прими Македонија во нејзините редови. ЕУ направи премногу преседани токму кон Македонија, креирајќи и измислувајќи голем број нелогични, недостоинствени и недемократски предлози, така што ние со право можеме да се прашаме дали проблемите што ги има ЕУ се, всушност, поголеми од сите проблеми што Македонија ги има како држава и општество.

Цветановски: Сето она што ни се случува на домашен и меѓународен план е поврзано и е во симбиоза со глобалните случувања. Што покажува геополитичката карта на светот?

Академик Коцарев: Неодамнешните два меѓународни самити го привлекоа вниманието на геополитичките аналитичари: Самитот на БРИКС, во Јоханесбург (22 – 24 август) и Самитот на Г-20, во Њу Делхи (9 – 10 септември), одржани во Јужна Африка и во Индија, земји што не се дел од западниот свет. Пред Самитот во Јоханесбург, аналитичарите тврдеа дека Самитот на БРИКС е осуден на неуспех или дека ќе биде парализиран од споровите меѓу Индија и Кина, но групата ја покажа својата виталност со објавувањето на шест нови членки од јануари 2024 година: Аргентина, Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. За некои аналитичари, станува збор за историска пресвртница, а други го минимизираат значењето на проширувањето, но, иако, можеби, ниту една од двете реакции не е сосема исправна, останува фактот дека повеќе од 20 други земји во моментов се надеваат на прием во БРИКС. Темата на Самитот: „БРИКС и Африка: Партнерство за заемно забрзан раст, одржлив развој и инклузивен мултилатеризам“, фокусирајќи се на Африка, создаде нови трговски, инвестициски и финансиски можности на постојните и новите членки на БРИКС во Африка.

На Самитот на Г-20 се очекуваше враќање на Западот по неодамнешните предизвици за неговата доминација од земјите од Глобалниот југ. Но, Западот не успеа да го наметне својот светоглед и во некои аспекти ја загуби почвата под нозете.  Завршната изјава на Самитот „се однесува само на ‘војната во Украина’, формулација која поддржувачите на Киев, САД и членките на НАТО,  претходно ја отфрлија, бидејќи тоа имплицира дека двете страни се подеднакво соучесници… удар за западните земји кои изминатата година се обидуваа да ги убедат земјите во развој да ја осудат Москва и да ја поддржат Украина“. Глобалниот југ ја осудува војната, но го отфрла светогледот на Западот.

Двата самита покажаа дека силуетата на новата студена војна добива сè појасни контури. Оттука, проширувањето на БРИКС е директно поврзано со проширувањето на НАТО-алијансата. НАТО е хиерархиски и монолитен воен сојуз, додека, пак, БРИКС е нехиерархиска организација, нејзините земји членки се многу хетерогени и често во политички спорови, целите на БРИКС не се воени, а БРИКС не е сојуз, туку само организација. Две земји членки на БРИКС се наоѓаат во отворен, или во помалку отворен конфликт со Западот, но тоа не е случај со останатите членки. Во моментов, БРИКС не се обидува да прерасне во противтежа на Западот или на НАТО-алијансата, меѓутоа се чини дека БРИКС е единственото место каде што земјите, кои не се заинтересирани за учество во новата студена војна или во евентуален вооружен конфликт на суперсилите, може да се „засолнат“ за да не се најдат пред предизвикот да избираат страна. Иако проширениот БРИКС има импресивни бројки во однос на уделот во глобалната економија, меѓународната трговија и во светската популација, неговото колективно економско влијание ќе биде ограничено од внатрешните поделби и од недостатокот на формални институционални структури. Сепак, многу западни аналитичари го критикуваат новиот БРИКС, бидејќи не им се допаѓа идејата за групирање на поранешните земји од Третиот свет, кои оттогаш станаа економски посилни, стравувајќи дека во одредени економски области, вклучувајќи ги процесот на дедоларизацијата и зацврстувањето на светската финансиска инфраструктура, нивното здружување може да ја оспори надмоќта на Западот.

Цветановски: Македонија тоне во сиромаштија, граѓаните се иселуваат во потрага по подобар живот. Како да се надминат економските предизвици, есенцијален проблем на државата и народот кој и покрај се’опстојува на овие простори?

Академик Коцарев: Светската, европската и македонската економија ги очекува период на висока инфлација, висока задолженост на приватниот и на јавниот сектор, нарушени синџири на снабдување и енергетска криза, предизвикани, според Џефри Д. Сакс, од познатиот пристап на САД, наречен креирање политики, што има цел да се спречи  економскиот и технолошкиот развој на големите ривали. Големите ривали во минатото, според Сакс, биле Советскиот Сојуз (за време на Студената војна), Јапонија (од средината до крајот на 1980-тите), а денес, таков ривал е Кина. Ваквите „американски политики ги прекршуваат правилата на Светската трговска организација и претставуваат опасност за глобалниот просперитет“,  па затоа „тие треба да бидат прекинати“ – вели Сакс. Меѓутоа, Сакс заборава, во списокот на ривали, да ја додаде и ЕУ. Да се потсетиме дека, во 2022 година, вкупниот БДП на САД го надмина БДП на ЕУ за 26 %, иако вкупниот БДП на ЕУ, во 2008 година, беше за 10 % поголем од американскиот (податоци преземени од Светска банка). Но, предизвиците со кои ќе се соочи ЕУ допрва доаѓаат. Преку ноќ (поточно, по донесувањето на Законот за намалување на инфлацијата, во август 2022 година), моќниот европски производствен сектор се соочи со високи бариери кои му го отежнуваат пристапот до огромниот американски пазар –многу подлабок проблем отколку ударот на германските производители на автомобили, чии електрични автомобили, за разлика од оние произведени во САД, не се квалификуваат за субвенции до 7.500 долари. Во меѓувреме, БАСФ, најголемата хемиска компанија во светот, објави дека го намалува обемот на бизнисот во Европската Унија, додека, пак, „Тесла“ се откажа од изградбата на фабрика за производство на батерии во Германија. Оттука, Јанис Варуфакис загрижено констатира дека „деиндустријализацијата на Европа се појави како многу реална можност на и онака мрачниот хоризонт“.

Во вакви бурни економски времиња, патот што го одбра Македонија, пат без континуитет, пат по кој секоја влада одново се враќа на почетната позиција, е погрешен и непродуктивен и води кон пропаст. Бројките се неумоливи: порастот на БДП на Македонија за 2022 година изнесува 2,15 %, и тој е најнизок во споредба со нашите соседи и со поранешните републики во Југославија што не се членки на ЕУ: Црна Гора 6,09 %, Албанија 4,48 %, Босна и Херцеговина 3,90 % и Србија 2,25 %. Денес, на Македонија ѝ е потребен фундаментален документ или стратегија, при што документот треба да биде изработен под водство на МАНУ, заедно со универзитетите и со стопанските комори, но во неговата изработка – ова е круцијален услов, воопшто не треба да учествува извршната власт. Само тогаш документот ќе биде поддржан од политичките субјекти во континуитет, а во спротивно, секоја нова извршна власт ќе пристапува кон изработка на нов документ, и така во недоглед, додека Македонија ќе прилега на брод што тоне, а нејзините граѓани ќе заминуваат на гурбет. Но, не е доволно само да се изработи еден таков документ, туку потребна е негова имплементација во континуитет, а неопходни се и други процеси како слабеење на позициите на извршната власт, намалување на бројноста на администрацијата, па затоа, според моето мислење, треба да се намали бројот на ешалоните на извршната власт, но и да се ограничи, па дури и да се изземе извршната власт од раководењето на јавните претпријатија, јавните установи и на акционерските друштва во сопственост на државата.

Цветановски: Новиот „морков“ на власта за нови отстапки и усвојување на Уставните измени се вика „влез во ЕУ до 2030-та“. Но дали ова  е реална прогноза? Која е вашата проценка, дали Македонија ќе стане дел од ЕУ до 2030 година, и каков е пристапот на ЕУ?

Академик Коцарев: Пораките што ги праќа ЕУ во врска со проширувањето на Унијата треба да се толкуваат внимателно. Во годишното обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур, Урсула фон дер Лајен порача: „Сакам народите на Западниот Балкан, Украина, Молдавија и Грузија, да знаат: Вие сте дел од нашето семејство, вашата иднина е во Унијата, и Унијата не е целосна без вас!“ Меѓутоа, Унијата не е целосна ниту без Обединетото Кралство, Норвешка, Швајцарија, Исланд и уште многу други европски држави.

Извештајот на француско-германската група за реформите и за проширувањето на ЕУ во 21 век содржи многу повеќе информации за предизвиците со кои се соочува ЕУ во однос на нејзиното проширување. Така, извештајот предвидува четири нивоа на европска интеграција: внатрешен круг (длабока интеграција во областите какви што се еврозоната и шенген), самата ЕУ, поширок круг со придружни членки, дозволувајќи учество во единствениот пазар и придржување до заедничките принципи, и конечно, Европската политичка заедница, како надворешно ниво на политичка соработка без обврска за придржување кон законите на ЕУ. Иако европските лидери ја обновија посветеноста на проширувањето, со оглед на сè понеповолниот меѓународен контекст, сепак, според Извештајот, ЕУ не е подготвена да прими нови членки. Така, во Извештајот се констатира: „Институциите и механизмите за носење одлуки не се дизајнирани за група од 37 земји, а и сега е тешко за 27-те земји членки да менаџираат со кризи и да носат стратегиски одлуки“.

Врз основа на заклучоците и препораките на групата, може да се констатира дека 2030 година не е годината кога Македонија и земјите од Западен Балкан ќе станат дел од ЕУ, туку датумот откога ќе почне да се работи на процесот на проширување, односно суштинските преговори за членство ќе почнат по 2030 година, откако, претходно, ЕУ ќе се реформира. Реформите, меѓутоа, нема да донесат никакви придобивки за Македонија, бидејќи пред пристапувањето во Унијата, повторно, секоја земја одделно ќе мора да го ратификува пристапниот договор. Тоа значи дека Македонија низ целиот преговарачки процес ќе мора да ги усогласува политиките со оние, на официјална Софија, оти, во спротивно, на крајот, повторно нема да стане членка на ЕУ без конечно одобрување во бугарското Народно собрание. Оттука,  евентуалното внесување на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде првиот бугарски услов, по што ќе следуваат и условот за целосно спроведување на Договорот за добрососедство и пријателство и обврските во протоколите.

Да ве потсетам: Бледскиот договор од 1947 година, склучен помеѓу тогашна Народна Република Бугарија и тогашната Федерација, чиј составен дел беше и Народна Република Македонија, со кој се признаваат и идентитетот на Македонците во Бугарија и  македонскиот јазик, две години подоцна, беше еднострано раскинат од Бугарија. Ако Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија и обврските што произлегуваат од протоколите бараат од нас да се негираме самите себеси, зарем тоа не е доволна причина Македонија да го раскине овој Договор? До кога ќе молчиме и ползиме?

Цветановски: Во контекст на оваа често споменувана реченица „ Македонија во ЕУ до 2030 година“, каков е пристапот на дел од македонските политичари?

Академик Коцарев: Терминот национален идентитет подразбира националност, државјанство на граѓаните на една држава коешто произлегува од името на државата. Со промена на името на државата, Македонците станаа Северномакедонци. Мал број политичари, кои во определен период владеат со државата, немаат право да го променат националниот идентитет на сите претходни генерации Македонци.

Пристапот на дел од македонските политичари, интелектуалци и граѓани, во однос на полноправното членство во ЕУ, укажува дека нам ни треба некој однадвор, за да се воспостават ред и владеење на правото, за да се имплементираат демократските принципи внатре, во државата. Со други зборови, ние, Македонците, не можеме или не сме способни да управуваме, да градиме, да владееме. Во песната „А бре, Македонче“, инаку, химна на партизанското движење во Македонија, авторите Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски-Оцка, го користат деминутивот Македонче за да посочат дека Македонија, до 1941 година (песната е создадена во периодот меѓу 23 октомври и 8 ноември 1941 година), „е поробена земја“. Преку зборовите: „Момци наредени, моми накитени, борба ќе одат, борба за слобода“, авторите порачуваат дека ќе се оствари вековниот сон на Македонците: да живеат во сопствена држава, да бидат Македонци, а не Македончиња. За жал, дури и по 32 години независност, дел од македонските политичари, интелектуалци и граѓани, останаа Македончиња, термин, кој во контекст на независна Македонија, според моето мислење, подразбира: сервилни подлизурковци кои својот светоглед го поистоветуваат со лукративните интереси. Зар не ви се чини дека ваквиот однос треба еднаш и засекогаш да се ревидира и да се напушти?

Цветановски: Битисуваме ево едни тешки времиња за Македонија, постојано под опсада и атак врз нашите идентитетски одредници, историјата и светиите. И во 23-та година на 21-от век оваа канонада не престанува. Која е трагедијата на Македонците во 21 век?

Академик Коцарев: Трагедијата на Македонците во деветнаесеттиот век најверно се отсликува во ликот и делото на Прличев – вториот Хомер, којшто, иако говори и пишува на бугарски, српски и грчки јазик, знае дека ниеден од тие јазици, всушност, не е „неговиот јазик, неговата звучна татковина“. Неговата јазична татковина е македонскиот просторен и временски јазичен континуум, што постоел илјадници години, но продолжува да постои и денес, независно од првата кодификација на литературниот македонски јазик. На поканата да соработува во софискиот политичко-општествен и книжевен весник „Балкан“, Прличев одговара: „Лишен од секаков бугарски речник, оригинален во јазикот, стародревен во правописот…, а притоа презадоволен од учителската плата, грижен за напредокот на 117 ученици, зафатен со по пет часа на ден со професијата своја, професија по моему многу посериозна од секоја друга (…) – имав право, или подобро да кажам, должен бев да се одречам“. Што порачува Прличев? Прво, неговиот јазик, неговата звучна татковина е „оригинална, древна и лишена од бугарски речник“, и второ, професијата учител е „посериозна од секоја друга“ професија.

Трагедијата на Македонците во дваесет и првиот век е дека македонството, што подразбира национална посебност и самобитност на македонскиот народ во однос на соседните народи, е загрозена идеологија повеќе од кога било порано токму во независна и самостојна Македонија. Поточно, опстојувањето на македонскиот просторен и временски јазичен континуум, што постоел, но продолжува да постои и денес, се негира од дел од владејачките елити секаде, во секоја пригода и во секој систем во нашето општество, па така и во образованието. Земајќи предвид дека образованието во Македонија е разурнато до темел, целосно уништено, иднината на Република Македонија е доведена во прашање. Образовниот систем во една држава е иднината на општеството, но, за жал, нашето образование е ставено во синергија со тековната политичка сервилност и неукост, па, така, поради поврзаноста со историјата, животот и страдањата на Македонците во егејскиот и во пиринскиот дел на Македонија, од наставната програма по која се работи во училиштата се изземени од обработка делата „Црно семе“ од Ташко Георгиевски и „Црнила“ од Коле Чашуле.

Денес, Македонија се соочува со исклучивост: или македонството или ЕУ, но не и двете. Тие што се за македонството, поточно тие што упорно посочуваат дека македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонскиот просторен и временски јазичен континуум постојат илјадници години, но продолжуваат да постојат и денес, во Република Македонија, во егејскиот и во пиринскиот дел на Македонија, во сите соседни држави и насекаде каде што живеат Македонците, веднаш се прогласуваат за недемократи и за граѓани што не се европски ориентирани. Меѓутоа, за разлика од оние што инсистираат на поделбата, јас сум вџашен и згрозен сум од фактот дека, во демократска Европа, во 21 век, воопшто, принуден сум да избирам меѓу овие две опции. Мојот избор, секако, без колебање, е: македонството и ЕУ.

Цветановски: Следната година е изборна, се најавува како година на промени, на пролет следуваат претседателски и парламентарни избори. Дали вие би прифатиле кандидатура за Претседател на Македонија ако бидете предложени од некоја политичка партија?

Академик Коцарев: Мојот мандат за претседател на МАНУ завршува во декември оваа година. Па, оттука, преостанатите неколку месеци ќе ги посветам исклучиво на заокружување на неколку проекти што поради многубројните предизвици со кои се соочи Академијата во минатите 3 години, предизвикани со појавата и ширењето на пандемијата од ковид-19, од економската и енергетската криза и од намалувањето на бројот на вработените во МАНУ, останаа недовршени. Со тоа во целост ќе ги реализирам најавените програмски активности при моето кандидирање кои се во моја надлежност, и со тоа, дури и самокритично анализирано, ќе заокружам едно исклучително турбулентно поглавје од мојата животна врвица, што претставува круцијален предуслов за прифаќање на каков било нов предизвик. Тука, пред сè, мислам на три проекта од значење за МАНУ и за Македонија. Прво, Дигиталната ризница на МАНУ, што ќе служи како институционална ризница на МАНУ, поточно, дигитална колекција што ги регистрира, ги собира, ги распространува, ги чува и управува со научните и уметничките дела на МАНУ.  Второ, изработка на нова веб-страница на МАНУ, подобрена и приспособлива кон современите трендови во ИТ-секторот. Трето, изработка на дигитална платформа за мапирање на производствените капацитети во Македонија. Покрај тоа, во моментов, раководам со неколку научни проекти финансирани од други извори (институции од ЕУ, САД, Германија и Кина), па дел од моите активности ќе бидат и научни.

Што се однесува на Претседателските избори, би сакал да го порачам следното.

Пред речиси еден век, во статијата со наслов „Самоопределението на Македонците“, Мисирков ќе напише: „Мислам дека само во слогата, во соработката помеѓу Србите, Македонците и Бугарите е спасот на сите нас. Србите и Бугарите спореа, печалеа Грците и Романците, ја загубија Македонија, Тракија и Добруџа. Најважниот услов за соработката помеѓу Србите, Бугарите и Македонците е, меѓутоа, полната слобода во самоопределувањето на Македонците. И, ете, за последново прашање јас го истакнав принципот на македонскиот патриотизам и национализам, како наполно неутрален и задоволувачки и за Србите и за Бугарите и за Македонците“.

Геополитичката карта на светот денес е целосно различна од онаа, во 1925 година. За жал, денес сме соочени со непринципиелни уцени и закани врз основа на ненаучни аргументи, со бесмислено барање дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат бугарски корени, и со недостоинственото и понижувачко барање, Македонија да ја дефинира македонската национална генеза по барање на една соседна држава. Македонија, се надевам, нема да отстапи од одбраната на македонскиот идентитет, на македонската историја и на македонскиот јазик. Оттука, ги повикувам Македонците да се обединат – од меѓупартиските и внатрешнопартиските неслоги, парафразирајќи го Мисирков: „…другите печалат, а ние, Македонците, губиме“. Јас верувам дека секој од нас кој живее на и за ова парче земја, а најмногу интелектуалците со потврдено светско научно реноме, како авангарда на општествената свест и одговорност, треба повеќе од кој било друг да бидат оние што ќе го напуштат комодитетот и ќе го издигнат колективниот над личниот интерес, дејствувајќи од одговорните позиции за исполнување на националната кауза, издигната на степен на обединување на различностите во македонското општество, која се базира на принципите и темелите на државноста.