Актуелната политичка состојба во која сè подлабоко тоне државата е резултат на низа погрешни одлуки од минатото, донесени без широк политички и општествен консензус, само колку да се задоволат барањата на меѓународната заедница, притоа не водејќи сметка како тие одлуки ќе се рефлектираат врз состојбите во земјата и, воопшто, врз карактерот на државата, посочува претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, во интервју на ТВ Алфа во емисијата „За или против“ со новинарот Љупчо Цветановски.
„Во принцип, сите меѓународни договори, па така и Договорот со Грција, се раскинливи, меѓутоа одговорно и плански треба да се пријде кон последиците што може да произлезат од раскинувањето на договорите, а коишто со сигурност ќе се појават, посебно кога тоа се однесува на помалите држави и народи, а, пак, за Македонија, тие ќе бидат посебно жестоки и траурни“ цени академик Коцарев кој говори и за неговата ненаучност и директно и грубо мешање на научните толкувања во хуманистичките науки.
„Подетално ќе се задржам на еден научен труд на академик Петар Илиевски, објавен во 1996 година, со наслов ’Јазиците на почвата на Македонија во античкиот и рановизантискиот период’. Во трудот се анализира античкиот македонски јазик, за којшто има многубројни сведоштва од класични и покласични извори, но досега, според академик Илиевски, не е откриен ниеден текст, ниту натпис од овој јазик. Меѓутоа, старите глосографи, сепак, сочувале од заборав стотина зборови – апелативи и педесетина лични имиња, означени како македонски. Најголем број од глосите, со нивното значење, запишал александрискиот граматичар Америјас (Аmeriаѕ), со македонско потекло, во III век пред Христа, но, за жал, неговиот спис не е сочуван. Дел од глосите што тој ги запишал се дојдени од записите на подоцнежните граматичари и глосографи, особено на Хесихиј (V век по Христа), и се означени како македонски.
Според академик Илиевски, близу 150 години, старомакедонските глоси се предмет на интензивни лингвистички истражувања, но нивниот оскуден фонд и отсуството на какви било текстови даваат повод за различно толкување, па не е чудно што мислењата на научниците по прашањето за нивната јазична припадност се поделени. Додека едни сметаат дека античките Македонци биле одделен источноевропски народ со посебен јазик, различен од грчкиот; други допуштаат дека Македонците биле источноевропско племе од истата фамилија од која потекнуваат Грците и нивниот јазик бил сроден со грчкиот; трети, пак, најекстремните, тврдат дека античките Македонци биле Грци, а нивниот јазик – грчки дијалект. Најревносни застапници на третава теза се современите грчки лингвисти и историчари, иако класичногрчките автори не ги признавале Македонците за свои сонародници, ги нарекувале варвари и македонската доминација во Грција ја сметале за туѓа власт“ потенцира претседателот на МАНУ.
„Современите грчки научници потсетуваат на современите бугарски научници, а дел од македонските политичари, би рекол, сепак, исклучиво од лукративни причини, дозволија политичките договори директно да се вмешаат во науката и да ја обликуваат. Каква иронија и невидена глупост!“ потенцира академик Коцарев во интервју за ТВ АЛфа.