Во Египет денеска ќе се одржи самит за кризата во Газа во момент кога постојат стравувања од ширење на конфликтот на Блискиот исток, но отсуството на високи претставници на САД, главниот сојузник на Израел, и некои други лидери ги намалува очекувањата за тоа што може да се постигне таму.
Тој се одржува додека Израел се подготвува за копнен напад врз Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври во кој загинаа 1.400 луѓе. Повеќе од 4.100 Палестинци се убиени во израелската контраофанзива која предизвика страшна хуманитарна криза во палестинската енклава.
Засега не се знае кој ќе ги претставува САД, Кина и Русија.
Германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот премиер Риши Сунак нема да дојдат во Каиро, а се уште не е официјално познато дали ќе учествува францускиот претседател Емануел Макрон.
Висок претставник на ЕУ рече дека се уште се разговара за конечната декларација, но се уште има разлики, па не е јасно дали ќе биде усвоена. Тој додаде дека претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, планираат да одат во Каиро, иако под знак прашалник е дали ќе стигнат таму на време, со оглед на тоа што и двајцата се во САД на самитот на ЕУ во Вашингтон.
Во последните денови, арапските земји изразија гнев поради израелското бомбардирање и опсада на Газа, каде живеат 2,3 милиони луѓе.
Во исто време, Египет сака да достави хуманитарна помош во Газа преку граничниот премин Рафа, единствениот што не е контролиран од Израел, но помошта се трупа само од египетска страна.
Претседателот Абдел Фатах ал-Сиси во средата изјави дека Египќаните ќе се спротивстават на какво било принудно префрлање на Палестинците на Синај, бидејќи тоа ќе го претвори египетскиот полуостров во база за напади врз Израел.
Јорданскиот крал Абдула и Сиси во четвртокот го обвинија Израел дека „спроведува колективна казна“ со бомбардирање на Газа.
Израелските власти, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху, велат дека „сакаат да го збришат Хамас од лицето на Земјата“, но очигледно немаат план како да владеат со палестинската енклава потоа, изјавија осум регионални и западни претставници запознаени со конфликтот.
– Некои советници на американскиот претседател Џо Бајден се загрижени дека Израел можеби ќе може да му го зададе последниот удар на Хамас, но стратегијата за излез допрва треба да се формулира, изјави извор од Вашингтон.
Список на официјални претставници кои досега потврдија учество на Самитот за мир во Каиро:
Египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси
Палестинскиот претседател Махмуд Абас
Јорданскиот крал Абдула
Бахреинскиот крал Хамад бин Иса Ал Калифа
Кувајтскиот престолонаследник шеик Мешал ал-Ахмад ал-Сабах
Италијанската премиерка Џорџа Мелони
Шпанскиот премиер Педро Санчез
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис
Кипарскиот претседател Никос Христодулидес
Јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок
Француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона
Јапонската министерка за надворешни работи Јоко Камикава
Британскиот државен секретар за надворешни работи Џејмс Клеверли
Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
Египет, првата арапска држава што потпиша мировен договор со Израел во 1979 година, е загрижен од масовното иселување на жителите на Газа од нејзината територија. Единствениот граничен пункт меѓу Египет и Газа е затворен речиси две недели и покрај израелските воздушни напади врз енклавата. Истовремено, Израел воведе и блокада на Газа и го запре увозот на храна, лекови и гориво.