Шефот на британската дипломатија Џејмс Клеверли изјави дека разговарал со израелските власти за нивната обврска да го почитуваат меѓународното право и да го заштитат цивилното население во Газа и дека војската на земјата треба да биде воздржана.
– Велика Британија е категорична и отсекогаш била категорична дека Израел има право да се брани и да обезбеди ослободување на заложниците земени на 7 октомври, изјави Клеверли на Самитот за мир на Блискиот Исток, што се одржува во Каиро.
– Ние сме, исто така, категорични дека мора да работиме и дека тие мора да работат на ублажување на страдањата на Палестинците во Газа и да се погрижат нивните постапки да се во согласност со меѓународното право, додаде тој.
– И покрај исклучително тешките околности, повикав на дисциплина, професионализам и воздржаност од страна на израелската армија, додаде Клеверли.
Шефот на британската дипломатија рече дека меѓународната заедница мора да работи за да спречи ескалација на ситуацијата во Газа во регионален конфликт, што според него е целта на Хамас.
– Имаме обврска, имаме обврска да работиме заедно за да спречиме нестабилноста да го зафати регионот и да земе повеќе жртви, нагласи тој. Затоа мораме да се погрижиме Хамас да не победи. Мораме да се погрижиме да победи мирниот соживот. (МИА)