Дарко ЈАНЕВСКИ
Денес веројатно најголемиот број Македонци знаат зошто 23 октомври е неработен ден. Но, исто така, веројатно најголемиот дел од Македонците не знаат ни збор повеќе за настанот од празникот. Основачи на ВМРО? Можеби некој чул за Христо Татарчев, но најмногу затоа што пред повеќе години во Бугарија негов внук беше јавен обвинител. Иван Хаџи Николов? Кој е тоа? Можеби книжарот, со кого всушност ни почнуваат проблемите околу основањето на ВМРО, затоа што неговата книжарница, во која е основана организацијата се наоѓала во Солун. По ѓаволите, а каква е таа тајна македонска организација во овој град кој, нели, отсекогаш бил грчки. Еве не мора да се праша во Атина, може и во Брисел, Лондон, Вашингтон.
Се разбира, може да се потсмеваме на недоветноста на основачите на ВМРО кои наместо во Скопје, организацијата ја основале во еден град кој не е македонски. Односно, бил македонски, ама грчки, со тоа што тогаш, во градот во кој пред речиси 30 години беше одржан милионскиот антимакедонски митинг, Грците биле малцинство. Збунувачки, зар не?
За Бугарија, Солун во кој е основано ВМРО, е град во Македонија која не е грчка, туку бугарска. Или, можеби Бугарите за бугарска ја мислат само Вардарска Македонија која пред 100 години, во Првата балканска војна била окупирана од Србите. За денешна грчка Македонија, во која се наоѓа и Солун, каде патем се случиле и солунските атентати, каде е донесена одлуката за востанието во 1903 година, каде се одржала последната средба на Гоце Делчев и Даме Груев, пред овој првиот да замине во смртта, не сме ги чуле да кажат дека е бугарска. Еден единствен збор. Не треба повеќе. Само еден!
Така, гледано од овој аспект, имаме Македонија која од Табановце до Гевгелија е бугарска, но веднаш потоа, пет чекори понатаму, на некој чуден начин, за Бугарите, 51 отсто од таа Македонија на која мислеле основачите на ВМРО (или поточно кажано ТМОРО) стануваат грчки. Инаку, веројатно дека тие досега би ги обвиниле Грците дека им ја крадат историјата, односно оној дел од нивната историја што е означен како најромантичен, додека Грците, би ги обвиниле Бугарите дека ја крадат нивната историја. Оти ако Македонија е грчка, таа по дефиницја не само што не може да биде македонска, туку не може да биде ни бугарска. Така сигурно мислат и грчкиот претседател и грчкиот премиер. Но, со тоа, логично, не би требало да се согласува бугарскиот претседател Радев, бугарскиот премиер, а за бугарските членови на историската Комисија и да не зборуваме. Патем, што мислат членовите на историската Комисија од Северна: чиј бил Солун во 1903: македонски, грчки или бугарски? И ако е македонски, ама грчки, а не „северен“, кога го славиме 23 Октомври и основањето на ВМРО во Солун, чија историја крадеме: бугарска или грчка?
Всушност, на тој начин доаѓаме до ситуација од која произлегува дека двете членки на ЕУ и НАТО, Грција и Бугарија, си ја крадат меѓусебната историја, само што никому досега не му паднало на памет од тоа да прави проблем. И колку што не држи умот, никому досега не му паднало на памет да каже дека Грција и Бугарија треба да си ги средат соседските односи, како што тоа се еднострано се бара од нас. А, кога за овие две земји станува збор, не е само Македонија во прашање, туку и Тракија чиј јужен дел, оној што излегува на Егејското Море источно од Кавала, Бугарите го изгубиле не затоа што е грчки, туку затоа што во Првата светска војна, биле на страната на губитниците.
Како и да е, основачите на ВМРО ни создале проблем: ја основале македонската организација која е бугарска, во град кој е македонски, ама грчки. Што ни создава забуна. Како ова да им го објасниме на децата во учебниците по историја? Можеби најдобро решение е да го консултираме муртинскиот нобеловец кој велеше „ебаму името, ебаму“, за да појасни. Или оној со исушената рака кој го потпиша Преспанскиот договор.
Но, бадијала го трошиме времето на нив. Се што треба да направиме е да погледнеме во грчките и бугарските учебници: чиј бил Солун во 1903 година? И како ни тргнала работата, да препишеме оттаму. Па да кажеме: во грчките учебници пишува вака, во бугарските така. Тоа се нарекува современ пристап кон објективната меѓународно прифатена историска вистина. Оти ние наши учебници по историја ќе немаме.
Во секој случај, ова не е академско прашање, туку мошне практично: што барале шесторицата да основаат револуционерна организација во туѓ град? И денеска, кога се повикуваме на нивните жртви, на жртвите на илјадници други, не е лошо да си го ставиме прстот на чело и да си прифатиме дека историјата имала свои патишта кои не можат да се гледаат со денешни очи. И дека пред нас е изборот: или ќе се откажеме од нејзе и ќе ги прифатиме уцените или нема да отстапиме. При тоа, треба да имаме на ум дека е лага дека ќе ни биде подобро, дека на иднините генерации ќе им овозможиме подобар живот ако го прифатиме првото. Народ кој не се почитува себеси, не е почитуван ни од другите. Ниту пак го сакаат во нивно друштво. А Солун во 1893 година бил македонски град. Грчки станал 20 години подоцна.