„Оваа влада ја елиминира правдата со неправда. Јустиција која е римска божица на правдата и нејзиниот лик често се користи како алегорија или олицетворение на моралните вредности во правниот систем е целосно девастирана. И зариваат нож на правдата иако дојдоа во фотелјите со нема правда нема мир“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обраќајќи се на настан по повод 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба и 130 години ВМРО, насловен „Традиција која обврзува за иднина која доаѓа“.

Тој додаде дека кога дојдоа на власт спроведоа широк политички прогон.

„Тогаш велеа сите во исти кош, сите на обвинителна клупа и со судења кои се закажуваа на секои два дена. Ако некој е член на ВМРО-ДПМНЕ тоа му беше билет за брза трака во судските лавиринти и експресни пресуди. Тогаш судии градеа кариери и ги унапредуваа во повисоки судски истанци, а критериумот беше да направат поголема пакост и прогон кон ВМРО-ДПМНЕ“, вели Мицкоски.

Тој истакна дека во Македонија нема вистинска одговорност и овие 30 години не одговарал ниту еден бандит кој на грбот на овој народ се збогатил.

„Одвратно и со мачнина е за гледање сликата со која ја уништуваат правдата, и тоа оние кои скокаа на Ладата и збореа за правда кога беа опозиција. Судиите од тефтерчињата станаа нивни слуги, но само треба да знаат, гледајќи ја нивната лукавост, дека нема во новата влада на доаѓање на ВМРО-ДПМНЕ да најдат нова прегратка, туку и тие ќе се соочат со правда. Може криво да седат, ама требале право да судат. Срамот и вината за секоја неправда е на оваа власт. И затоа важно е да се бориме за неселективна правда, за вистинска правда која ќе биде за секого. За секој еден човек во Македонија. За правда која ќе го заштити народот од неправда, каде ќе профункционира судството и обвинителството. Каде ќе има страв од казна и законот ќе важи за секого. Член на ВМРО-ДПМНЕ бил или на друга партија ако стори криминал ќе одговара“, заклучи Мицкоски.