Во рамки на Регионалната социјалдемократска Академија за женско лидерство, во организација на фондацијата „Фридрих Еберт“, ФЕС Дијалог Југоисточна Европа, денеска потпретседателката на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) Радмила Шекеринска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе дебатираат на панелот „Влијанието на анти-родовото движење на агендата на жените, мирот и безбедноста“.

На Академијата, која започна вчера, учествуваат жени лидерки од социјалдемократските партии и граѓански организации од Македонија, Србија, Албанија, Грција, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија.

Целта на Академијата, како што наведуваат организаторите, е зајакнување на лидерските вештини кај жените социјалдемократки, поттикнување да направат правилен чекор и да го заземат своето место во заедниците кадешто се носат одлуките и политиките, затоа што резултатите покажуваат дека жените на клучни лидерски позиции работат многу помудро, подобро, со интегритет и емпатија правејќи позитивни промени за државата.