Најмалку 335 сопственици на странски пасоши и 76 ранети жители на Газа денеска ја напуштија палестинската енклава преку преминот Рафах и влегоа во Египет.
Тие се првата група која има корист од договорот постигнат со посредство на Катар, јавува Си-Ен-Ен.
Според договорот постигнат меѓу Египет, Израел и Хамас, 81 ранет и околу 500 сопственици на странски пасоши, колку што се наведени, се очекува да можат да го напуштат Појасот Газа во наредните денови, соопштија извори од повеќе земји.
Дипломатски извор запознаен со плановите на Египет изјави дека приближно 7.500 сопственици на странски пасоши ќе бидат евакуирани од Газа во наредниот период од приближно две недели. Истиот извор, исто така, рече дека луѓето од Газа ќе бидат евакуирани преку аеродромот Ал Ариш, кој ќе биде достапен за нивно полетување.
Дипломатите рекоа дека се очекува првите евакуирани странски државјани прво да отпатуваат за Каиро, а потоа да го продолжат патувањето оттаму со авион. Ограничените евакуации уследија по повеќе од три недели од израелската целосна блокада на Газа и израелското бомбардирање на густо населената енклава и испраќањето копнени трупи како одмазда за нападот на милитантите на Хамас врз Израел на 7 октомври.
Палестински функционер, кој се наоѓа на страната на границата во Газа, рече дека странските сопственици на пасоши ја напуштиле територијата со шест автобуси. Египетски извор изјави дека сите тие ќе мора да поминат безбедносни проверки веднаш штом ќе пристигнат во Египет.
Претходно во текот на денот со возила на брзата помош биле евакуирани мал број повредени. Тие биле прегледани од египетски медицински тимови, а потоа, во зависност од тежината на нивната состојба, биле упатени во различни болници.
Египетското Министерство за здравство и палестинските власти известија дека 76 ранети евакуирани се пренесени во болниците во северниот регион Синај, 11 во Ал Ариш и пет во Бир ал-Абд. Египет подготвил и теренска болница во Шеик Зувеид, на околу 15 километри од Рафах.
Таму ќе им се пружи медицинска помош на евакуираните од Газа. Министерството соопшти дека лекарите на граница прегледале 117 странски државјани и дека се вакцинирани 35 деца.
Нахед Абу Таема, директор на болницата Насер во Појасот Газа, изјави дека 19 критично повредени пациенти од неговата болница ќе бидат меѓу пациентите кои ќе бидат евакуирани во египетските болници. Нивната состојба е особено тешка и бара комплицирани хируршки зафати кои не можат да се изведат овде“, рече Абу Теема.
Според последните податоци на Министерството за здравство во Појасот Газа, кој е под контрола на Хамас, најмалку 8.796 Палестинци, меѓу кои 3.648 деца, се убиени во израелските напади врз Газа од 7 октомври. Засега нема потврда за идентитетот или националноста на првите странски државјани кои ја напуштиле Газа.
На списокот на лица од првата група на странски пасоши на кои им е одобрена евакуација, објавена на Фејсбук страницата на управата на граничните премини Газа, се државјани на Јапонија, Австрија, Бугарија, Индонезија, Јордан, Австралија, Чешка, Финска… Заедно со нив на списокот се и вработени во некои невладини организации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Извор запознаен со договорот постигнат со посредство на Катар изјави дека граѓаните на муслиманските земји имаат приоритет, додека граѓаните на другите земји, наводно, биле наведени по азбучен ред. Двајца филипински лекари кои работат за Лекари без граници, исто така, се очекува да бидат меѓу првите кои ќе ја напуштат Газа, изјави претставник на филипинското Министерство за надворешни работи.
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека неговата земја преговара за ослободување на турските државјани.