Канцеларијата за човекови права на ОН го коментираше на социјалните мрежи вчерашниот израелски воздушен напад врз бегалскиот камп Џабалија.

„Со оглед на големиот број цивилни жртви и размерите на уништување по израелските воздушни напади врз бегалскиот камп Џабалија, ние сме сериозно загрижени дека станува збор за непропорционални напади кои би можеле да претставуваат воени злосторства“, соопшти ОН, пренесува Гардијан.

Да потсетиме дека израелските одбранбени сили (ИДФ) вчера го нападнаа бегалскиот камп Џабалија при што загинаа најмалку 50 луѓе. Новинските агенции ги снимија последиците од нападот. На фотографиите се гледаат големи кратери опкружени со уништени згради. Спасувачите од урнатините извлекувале мртви или повредени деца.

ИДФ го потврди нападот, велејќи дека цел била подземната терористичка инфраструктура под погодените згради и дека убиле висок командант на Хамас.