Владата на Зоран Заев за да заштеди испланирала во 2019 година редовните јавни обвинители да не излегуваат на терен, да не набавуваат хартија, пенкала и ситен инвентар, но и редовното јавно обвинителство да не склучи никаков договор за каква било набавка или услуги.

Со тоа се доведува во прашање и функцинирањето на самото Јавно обвинителство. Наспроти тоа, иако со намалена функција, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на Катица Јанева догодина се уште ќе има висок буџет и ќе троши милиони евра токму за договорни услуги. Ова го покажуваат бројките од предлог-буџетот за 2019 година. Според нив, СЈО ќе добие нови 3,7 милиони евра (228.633.000 денари) во 2019 година.

Парите што се ставаат на располагање на Јанева се исти како и за оваа година, но зачудува зошто тоа е така ако се има предвид намалената работа на СЈО поради тоа што ова обвинителство повеќе не може да покренува нови обвиненија. Јанева планира дури и да го зголеми својот тим со нови редовни вработувања. За разлика од сега, кога за плати се планирани 907 илјади евра (55.828.000 ден.), догодина СЈО за оваа намена ќе потроши 1,2 милиони евра (76.133.000 ден.) што е за 300 илјади евра повеќе. Но, бројките за СЈО уште повеќе зачудуваат споредено со буџетот со кој располага Јавното обвинителство на Република Македонија (ЈОРМ), каде што освен ЈОРМ влегуваат и четирите виши јавно обвинителства, 22 основни јавни обвинителства и посебното обвинителство за организиран криминал и корупција.

Таму, за разлика од СЈО, за десетици пати е поголем бројот на вработени јавни обвинители, стручни соработници, администрација, но и поголеми се просторните капацитети во кои се сместени обвинителствата ширум Македонија. Сепак, според предлог-буџетот редовното обвинителство во 2019 година ќе располага само со 900.000 евра повеќе од СЈО односно со вкупно 4,6 милиони евра (285.798.000 денари). Иако и ЈОРМ за догодина му се доделуваат повеќе пари, сепак, му се кратат некои основни ставки во буџетот, кои кај Јанева се уште се премногу високи. Така, за сите јавни обвинители и вработени во јавните обвинителства за плати ќе бидат потрошени 3,2 милиони евра (200.598.000 ден.). ЈОРМ според предлог-буџетот за 2019 воопшто нема ставка за договорни услуги (иако во 2018 година за оваа намена имало на располагање 2,78 милиони евра). За разлика од тоа, СЈО за оваа намена од каде најчесто се плаќаат надворешните советници на Јанева, на располагање во 2019 ќе има 2,1 милион евра што е и најголема ставка во буџетот на СЈО.

Обвинителите во редовното обвинителство догодина не ќе можат да имаат ни службено патување во земјата и странство што би било апсурдно имајќи предвид дека редовна работа на обвинителите е излегување на увид надвор од работно место. Во буџетот за оваа година на ЈОРМ му беа на располагање речиси 55 илјади евра (3.382.000 ден.), но во буџетот за 2019 година ваква ставка нема. СЈО пак, за патни и дневни расходи во 2019 година ќе има на располагање 32,5 илјади евра (2.000.000 ден.). ЈОРМ во 2019 година ќе остане и без пари за материјали и ситен инвентар. Оваа ставка иако постои во буџетот на ЈОРМ за нејзе се предвидени 0 денари (оваа година во оваа ставка стојат на располагање 144 илајди евра). Обвинителството на Јанева, пак, во 2019 година за материјали и ситен инвертар ќе може да потроши 73 илјади евра (4.500.000 ден.), иако и оваа година за оваа намена имало 93 илјади евра.