Солидарен данок не платиле уште 26 компании и покрај дадениот рок, брифираат од Управата за јавни приходи (УЈП).
Ваква обврска, според закон, имаа вкупно 156 компании, меѓу кои и едно јавно претпријатие. Државата од солидарен данок досега собрала 37,4 милиони евра, а компаниите неплаќачи и должат уште 16,1 милиони евра.
Иако им истече рокот во кои компаниите требаше да го платат солидарниот данок, сепак УЈП уште еднаш ќе ги опомени, а ако не го сторат тоа на 24 ноември ќе им ги блокира сметките.
Речиси половина од фирмите што не платиле солидарен данок се од Скопје.
Најголем должник е средно голема компанија од Скопје која тргува со струја. Таа должи 4,7 милиони евра. Меѓу должниците се и обложувалници и коцкарници, градежни компании, фирми кои тргуваат со дрва, со градежни материјали и санитарија и од трговија на големо со хемиски производи.