Дарко ЈАНЕВСКИ

На своите 70 и кусур година, женичката дојде пред Владата на протестот на пензионерите, седна на столче, распосла на масичката дрвен толчник, лук, вода и оцет и ја „презентираше“ судбината на возрасните кои го завршиле работниот век во „европска“ Македонија.

Со збрчкано лице, раце истоштени и испукани од работа, во ветва облека, женичката го столчи лукот, му додаде оцет и вода и го подготви својот секојдневен ручек. Тоа е нејзиниот денешен живот!

Во некои минати години, кон ова имало и печени пиперки, сирење и врел леб, но како додаток на главното јадење. Денес ништо од тоа нема. Останале одминатите годините во сеќавањето, лукот, оцетот, водата и чемерот во душата во денешнината.

На млади години, женичката веројатно никогаш и’ не помислувала дека кога ќе ги надмине 70-тите, ќе мора да дојде пред Владата на протест. Има толкава пензија што, како што вели, кога ќе кога ќе купи лекови и ќе ги плати сметките, не и останува за ништо друго освен за ова јадење. Лук, оцет и вода. И малку лепче, по можност вчерашно, купено за половина цена од локалната фурна.

На само десетина метри од неа е зградата во која премиерот и министрите се хранат со ефтини бифтеци. Надвор лук и оцет, внатре печено месо, црвени образи и морничава трка по тендери, провизии и милиони во евра. Надвор чемер, јад и беда, внатре раскош од времето на Марија Антоанета. Да, но кој и е виновен на женичката што не јаде колачи, зар не?

Тоа е сликата за „Северна“ денес, кога највозрасните граѓани се принудени да преживуваат јадејќи „жетварски ручек“. На времето тоа јадење ги освежувало жетварите, печени од жешкото сонце, додека не дојде време за ручек кога седнувале во ладовина. Денес, толчениот лук и оцетот се главна храна за илјадниците македонски пензионери. Тоа е веројатно добро за нивните крвни садови, но причината поради која се принудени да се хранат на овој начин не лежи во грижата за нивното здравје.

Всушност, денес кај нас полошо е и од времето на војните на Слободан Милошевиќ и сакциите кон Србија, кога еден белградски пензионер се пожали дека доручкува бајат ѓеврек натопен во чај, зашто нема ни за мала чашка јогурт. Ѓеврек? Ха, за нашите денешни пензионери, во земја без војни и санкции, тоа е веќе господско и луксузно јадење.

Така, лукот и оцетот станаа синоним за македонскиот живот. Не дека сцената со женичката некого го погоди, но нејзиното измачено лице и овие две состојки – лукот и оцетот – сериозно конкурираат да се најдат на македонскиот државен грб, наместо планините, сонцето, водата и житото. Ова второво му припаѓа на минатото, првото е на сегашноста во која живите им завидуваат на мртвите, а младите ги пакуваат куферите и гледаат да заминат што подалеку од оваа прчија. Зашто во лукот и оцетот на бабичката пред Владата, во нејзиното лице со брчки и тага, ја гледаат својата овдешна иднина. Таа не зависи од тоа што завршиле и колку и како ќе работат, туку зависи од тоа дали се чесни, па според тоа и будали или не се чесни, па според тоа и паметни.

Тоа е единствениот услов кој им ветува дека кога ќе станат пензионери, ќе имаат за достоен живот. Не дека насекаде е поинаку, ама овде се чини не се издржува повеќе. Една бабичка од Хрватска деновиве беше вест во хрватските медиуми кога се пожали дека има пензија од 500 евра, но кога ќе ги плати сметките и остануваат 150 евра или пет евра на ден. Сакам еднаш да си купам малку месо, ама не можам, рекла бабичката. А Хрватска е членка на ЕУ веќе 10 години, што отприлика значи дека нашата бабичка од пред Владата ќе чека десетина години за да не примат во ЕУ (ако тоа некогаш воопшто се случи), па уште десетина години за сегашните нејзини 12 000 денари да станат 30 000, како тие на бабичката од Хрватска.

Проблемот е што дотогаш цените ќе бидат такви што на нашата хероина од вторничкиот протест на пензионерите пред Владата, одново ќе и остане само за лук, вода и оцет. Под услов, тогаш да биде способна самата да го одгледува лукот, како сега, зашто ако треба да го купува, тој е толку скап што ќе остане и без него.

Така, Македонија стана земја во која е најдобро да не ја дочекаш пензијата, освен ако не си во привилегираната група. А таа е толку мала и молчалива, што може да ја собере под сенката на едно дрво. Останатите? За нив останува жетварското јадење, во државата која според Ковачевски е најдобра во регионот, а според Заев „блеска“.

Затоа, на нашата бабичка не и треба никаков извештај на Европската комисија за да и каже дека овде чини или не чини, зашто таа знае дека овде е едно од местата на планетата каде што можат да се организираат туристички патувања за да се види како изгледа пеколот. Не и требаат ни партиските изјави, ни одважноста со која евроамбасадорот Гир порача дека не ни ја бива работата, ама дека тоа е реалноста. Освен доколку не си во групата политичари кои се редовно на месна диета, како и нивните новинари и малата група богаташи.

Во науката која се занимава со проучување на библискиот Нов завет има расправа за тоа каде бил Исус во саботата пред воскреснувањето, односномеѓу петокот и неделата кога жените предводени од Марија Магдалена наишле на празниот гроб. Едно од тврдењата е дека прво се симнал во пеколот. Ние, со голема доза на сигурност можеме да кажеме дека пред да воскресне не бил во пеколот, туку дошол овде. Кај нашите пензионери во Македонија и дека пробал од лукот и оцетот на бабичката. Претходно, според некаконската „Апокалипса според Петар“, пред Илинденска на чие чело е Таче, откако прво го прошетал низ рајот, Исус го донел и апостолот. За да види како е таму доле, во адот!