Значајни се две работи што треба да ги види Македонија во периодот што доаѓа. Првото е чистење на корупцијата, второто е економски напредок, истакна вчера во Битола, Александар Николоски, од ВМРО-ДПМНЕ и додаде:

-Нема сектор во кој што не ја гледате корупцијата, од здравство, образование, градежништво, до енергетика. Можеби најголемиот симбол на корупцијата во Македонија го имате на неколку километри од овде, РЕК Битола,  каде, денеска беше прецизно кажано, имаат потпишано фантастични 61 милион евра во четири очи без тендери. 61 милион евра се толку пари со кои буквално целиот град може да се препороди, буквално да не можете да го препознаете. Таму се случуваат јавни набавки во четири очи или со еден, добро познат добавувач. И еве сакам од овде, да фрлам ракавица, по трет пат да поставам едно прашање – го поставив во Собранието, па за да може да тужи да не ме штити пратеничи имунитет, го повторив на трибина во Радовиш, до денеска немам одговор, а прашањето е: Дали е вистина дека генералниот секретар на СДСМ учествува во местење на најголемиот дел од јавните набавки во Македонија. Еве му давам повторно шанса да одговори, затоа што добри пет дена бега од одговорот – рече Николоски.

Според него, за ова многу брзо ќе има одговорност, после промената на власта.

-Ќе одговараат сите оние кои што ги крадат вашите и нашите пари. И втората работа е економскиот просперитет. Тоа е нешто за што сите сме најмногу заинтересирани, а оди рака под рака со чистење на корупцијата, зашто нема економски просперитет без правна држава. Тоа е нешто што сите го посакуваме – подобри услови за живот, повисок стандард – и верувајте дека имаме и тим и луѓе и концепт како да го направиме тоа, затоа што од оваа власт се виде колку може. Сите вие го гледате тоа, тоа го констатира и последниот извештај на ЕК, убедливо најлошиот извештај во историјата на Македонија, затоа едноставно кажано – корупцијата цвета, а економијата тоне. За сето ова имаме добар тим, имаме добра програма, но пред се имаме претседател на партијата кој е спремен да ја поведе Македонија и заеднички да градиме многу поубава Македонија – истакна Николоски.

 

.