Финалната фаза на процесот на пристапување на Република Македонија, кој трае веќе 17 години, е започната и за нас е особено важно да продолжиме да напредуваме на европскиот пат. Имајќи ги предвид актуелните политичко-безбедносни состојби во регионот, особено променетите геополитички околности, потребата од забрзување на евроинтеграциите на државите од Западниот Балкан е од огромно значење, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери на 11. Состанок на спикери на парламентите на земјите од Југоисточна Европа за проширувањето на ЕУ, кој се одржува во Будимпешта.
Одржувањето на овој настан од највисоко парламентарно ниво, во организација на унгарското Национално собрание и претседателот Лазло Ковер, според Џафери, е уште еден доказ за напорите што ги прави Унгарија во изминатите децении за целосно европско интегрирање на земјите од Западен Балкан.
– Во однос на конкретните евроинтеграциски чекори, во тек е завршувањето на фазата на скрининг на нашето законодавство, и констатирано е високо ниво на усогласеност со европското законодавство. Скринингот не е само техничка операција, туку е трансформативен процес кој се однесува на сите сегменти на општеството, посочи Џафери.
На состанокот на тема „Процесот на европска интеграција во Југоисточна Европа”, претседателот на Собранието потсети дека поминаа повеќе од 20 години од првиот самит во Солун на кој се заклучи дека сите земји од Западен Балкан ќе бидат дел од Европската Унија, по исполнувањето на Копенхашките критериуми.
– РС Македонија, донесе тешки одлуки, имајќи ја предвид иднината на земјата и благосостојбата на нашите граѓани. Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија беше начин за градење на доверба во решавање на билатералните прашања и ние бевме и остануваме и понатака посветени на неговата имплементација, рече Џафери.
Тој соопшти дека непосредно пред неговото доаѓање во Будимпешта имал чест да бидам домаќин на претседателот на Народното собрание на Република Бугарија Росен Желјазков.
– Ние се среќаваме веќе трет пат оваа година и очекувам посетите да продолжат во иднина, затоа што на тој начин испраќаме пораки за поголема парламентарна соработка, спремност за отворен разговор и внесување на нови, свежи текови во политиката меѓу нашите две соседни земји, нагласи претседателот на Собранието Талат Џафери.
Фото: Собрание