Бугарија се уште без поместувања од одлуката за воведување на данок од 10 евра за рускиот гас на нејзина територија. Позитивни сигнали дека Бугарија можеби ќе ја промени одлуката нема. За проблемот известени се Европската комисија (ЕК), енергетската заедница но и Булгартрансгас, објави ТВ Канал 5.
Додека се чека одговор, но и дали давачката ќе падне на Уставен суд, откако бугарскиот претседател Радев ја оспори, во меѓувреме расте револтот кај засегнатите земји. Надлежните од Унгарија, Србија и Македонија не го кријат незадоволството. Минатата недела остри критики упати унгарскиот министер за надворешни работи Сијарто, а од саемот во Белград, не се штедеше на зборови ниту македонскиот премиер Ковачевски кој доби поддршка од неговата српска колешка Брнабиќ.
– Се работи за нелегален данок којшто ЕУ го има воведено за транспорт на гас низ Бугарија. Сите сакаат да кажат дека тоа е такса која ја вовела Бугарија, и тоа е точно, но мора да знаеме дека таа е членка на ЕУ. Не може Бугарија од сабајле да е членка на ЕУ кога става вето на кандидатска земја за членство во ЕУ, а попладне да не е членка па да воведе такса од над 10 евра мегават час кој транзитира низ Бугарија. Затоа ова прашање го имаме адресирано и до ЕУ и до Бугарија, изјави завчера Ковачевски
Тоа е акт на непријателство од страна на Бугарија и без никакви преговори тие дојдоа до оваа одлука, претходно кажа унгарскиот министер Пјетро Сијарто.
– Таа одлука можеме да бидеме сигурни дека ќе ја загрози безбедноста на снабдувањето со електрична енергија во Унгарија и Македонија. Неприфатливо е и никој нема право да го прави тоа и затоа чекорот на Бугарија е непријателски, рече Сијарто.
Надлежните кај нас се уште чекаат одговор, дали Бугарија и годинава ќе ослободи дел од капацитетите од цефководот за да може да купуваме гас и од други извори. Нарачките засега се прават без да се пресметува бугарската такса.
Инаку од оваа давачка, за која Бугарија доби зелено светло од Европската комисија, се проценува дека ќе заработи над една милијарда евра.
Извор: ТВ Канал 5