Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, денеска изјави дека неговата земја ќе продолжи да соработува со Русија без оглед на надворешниот притисок и посочи дека шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров го уверил дека испораката на гас се одвива според планот, и така и ќе остане, пренесува Спутник.

Сијарто и Лавров разговараа на маргините на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје.

„Будимпешта својата надворешна политика ја гради врз основа на националните интереси и не прифаќа притисок однадвор“, рече Сијарто и додаде дека соработката со Русија во енергетскиот сектор ќе продолжи како и досега.

„Во однос на испораките на природен гас и нафта, Лавров ме увери дека Русија и руските компании целосно ги исполнуваат и почитуваат договорите што ги имаме. Сите испораки се одвиваат според планот и така ќе останат“, изјави Сијарто.