Министерот за здравство Фатмир Меџити информираше дека околу Нова година ќе има нови тендери за доградба на новите згради на болниците во Кичево и во Штип.

Ова го најави денеска од МАНУ каде заедно со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за образование и наука Јетон Шаќири беа на презентација на нова апаратура за генетско испитување.

– Се шпекулираше дека нема да се раскине тој договор за Кичевската болница. Веќе е раскинат, поточно, приближно пред две недели го раскинав. Така како што се заложивме од првиот ден со Кабинетот, кажавме дека сите спорни прашања, сите спорни проекти во здравството, што не се градат со децении, која голгота беше и Кичевската болница, 33 години, како што знаете и со Штипската, значи ги решаваме сите отворени и спорни прашања. Така и Кичевската болница, веќе е раскинат, или пред Нова година или по Нова година, зависи од процедурите ќе биде објавена и доградбата, тендерот за Штипската клиничка болница. Така ќе продолжиме и со Кичевската болница, изјави Меџити.

Новата зграда за болницата во Кичево е почната уште во 90-тите години, а во Штип темели за нов објект се почнати пред седум години во 2016 година.

фото:МИА