Советот на ЕУ е подготвен да ја свика втората меѓувладина конференција со Македонија, без дополнителни одложувања и беа потреба од дополнителна политичка одлука, штом земјата ќе ја спроведе својата заложба да ги заврши уставните измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури, како што е предвидено во заклучоците на Советот од јули 2022 година, се наведува во заклучоците за проширувањето од вчерашното заседание на Советот за општи работи, што ќе бидат доставени на усвојување до лидерите на Унијата на нивниот дводневен Самит што почнува утре,
– Советот ја повикува С. Македонија да го забрза завршувањето на овие промени. Потоа, Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро, во согласност со Преговарачката рамка, се наведува во заклучоците.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, повикувајќи се на своите заклучоци од јули 2022 година, Советот ја поздравува првата меѓувладина конференција одржана со Македонија во јули 2022 година и успешното завршување на скрининг состаноците.
– Советот ги охрабрува сите партии во Собранието да се фокусираат на унапредување на реформите поврзани со ЕУ и на процесот на пристапување во ЕУ, се нагласува во текстот.
Советот воедно го поздравува нивото на подготвеност на земјава во клучните области и ја нагласува важноста од забрзување на реформите поврзани со ЕУ и натамошното консолидирање на нивната имплементација, особено во областите на основите и владеењето на правото.
– С. Македонија треба да испорача независност, професионализам и непристрасност на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реформата на јавната администрација. Советот изразува сериозна загриженост за некои измени во Кривичниот законик, кои се однесуваат на голем број случаи на корупција на високо ниво, како и за несоодветно надворешно влијание врз работата на Судскиот совет и судството, се додава во заклучоците
Советот, исто така, ја повикува земјава да продолжи со напорите за понатамошно зајакнување на основните права, вклучително и правата на лицата кои припаѓаат на малцинските заедниците, како и на слободата на медиумите и на изразувањето.
Во документот се потсетува и на потребата од инклузивна и навремена реформа на изборното законодавство согласно препораките од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.
– Во однос на економските критериуми, Советот го поздравува постигнатиот напредок, особено во областа на фискалната одржливост и ја охрабрува Северна Македонија да продолжи со напорите за понатамошно исполнување на критериумите на внатрешниот пазар на ЕУ и да се справи со конкурентскиот и пазарниот притисок во Унијата, се нагласува во текстот.
Натаму во заклучоците се потенцира дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на Процесот за стабилизација и асоцијација и се потсетува на важноста од постигнување „видливи резултати и имплементација со добра волја на билатералните договори, вклучувајќи ги и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“.
– Советот особено ја пофалува С. Македонија за нејзината доследна соработка за прашањата од надворешната политика и нејзиното целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика, вклучително и за рестриктивните мерки на ЕУ, како силен израз на стратешката определба на . Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Советот го поздравува континуираното активно учество на С. Македонија во мисиите и операциите на ЕУ во рамките на заедничката безбедносна и одбранбена политика. Советот, исто така, ја пофалува С. Македонија за нејзината активна улога во сложениот геополитички контекст за време на нејзиниот мандат како претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), се додава во делот од заклучоците за проширувањето, посветени за земјава.
Во воведниот дел на документот се потврдува посветеноста на Советот на ЕУ на проширувањето согласно политичките критериуми од Копенхаген и принципот на индивидуални заслуги и реверзибилност. Советот ја нагласува важноста од задржување и продлабочување на развој ЕУ, вклучувајќи го и нејзиниот капацитет да интегрира нови членки.
– Советот продолжува да очекува партнерите да преземат одговорност и да ја покажат кредибилноста на нивните заложби и политичка волја преку спроведување на неопходните реформи и видлив напредок, се наведува во заклучоците.
Во документот се потенцира дека проширувањето претставува геостратешка инвестиција во мир, безбедност, стабилност и просперитет и е двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани, за намалување на разликите меѓу земјите и почитување на вредностите на кои е основана Унијата.
– Гледајќи кон перспективата за понатамошна проширена Унија, за тоа треба да бидат подготвени и ЕУ и идните земји членки. Претендентите за членки треба да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со природата на процесот на пристапување заснована на заслуги и со помош на ЕУ. Паралелно, Унијата треба да ги постави потребните внатрешни основи и реформи. Ќе ги поставиме нашите долгорочни амбиции и начините за нивно остварување. Ќе одговориме на клучните прашања поврзани со нашите приоритети и политики, како и со нашиот капацитет да дејствуваме. Ова ќе ја направи ЕУ посилна и ќе го зајакне европскиот суверенитет, се додава во текстот.
Во заклучоците натаму се потенцира дека руската агресија врз Украина покажува дека проширувањето е стратешки приоритет и се потврдува целосната и недвосмислена посветеност на Советот на перспективата за членство на Западниот Балкан, Украина, Молдавија и Грузија во ЕУ, чија иднина е во рамките на Унијата. Во однос на Турција, пак, се наведува дека таа останува земја кандидат и клучен партнер на ЕУ во многу области од заеднички интерес.
– Почитувањето и посветеноста на промовирање на вредностите на кои е основана ЕУ и исполнувањето на обврските потребни за членство во ЕУ се од суштинско значење за сите партнери кои се стремат да се приклучат. Советот повторува дека владеењето на правото е фундаментална вредност на која е основана ЕУ и останува неопходен услов за напредок кон членството. Одржливите и нереверзибилни реформски достигнувања за владеењето на правото и основните права, функционирањето на демократските институции, вклучително и деполаризацијата, за јавната администрација и економските критериуми остануваат клучните одредници според кои се оценува напредокот кон членството во ЕУ, се наведува во заклучоците.
Натаму се нагласува важноста од почитување на правата на детето, родовата еднаквост и правата и недискриминаторски третман кон лицата кои припаѓаат на малцинствата и лицата од ранливи категории граѓани, како што се Ромите, лицата со попреченост и припадниците на ЛГБТИ заедницата и на националните малцинства.
– Советот, исто така, ја нагласува потребата партнерите да напредуваат во сеопфатните реформи во правосудството, борбата против корупцијата, вклучително и деолигархизацијата и борбата против организираниот криминал. Советот потсетува дека во борбата против организираниот криминал продолжува да се бара солидно досие за правосилни пресуди и заплена и конфискација на криминални средства, се потенцира во документот.
Натаму се повикува на напори за поттикнување на помирувањето, регионална стабилност, решавање на билатералните спорови и усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика, вклучувајќи го и воведувањето санкции како „клучен аспект на процесот на интеграција во ЕУ и силен израз на стратешкиот избор на партнерот и место во заедницата на вредности“.
– Советот ја поздравува успешната соработка со партнерите во областите на спротивставување на хибридните закани, како и во борбата против тероризмот, радикализацијата и организираниот криминал и останува посветен на натамошното продлабочување на соработката во овие области. Спротивставувањето на активностите за манипулација со информации, вклучително и дезинформациите, останува важен приоритет. Советот потсетува дека Европската Унија ќе ја интензивира својата работа со партнерите за да се спротивстави на лажните руски наративи и дезинформации за руската агресија врз Украина, се истакнува во заклучоците.
Во документот се додава и дека илегалната миграција останува клучен предизвик и бара континуирана соработка и координација со сите партнери, при што се пофалуваат земјите од Западниот Балкан за нивната конструктивна соработка на ова поле, како и Турција за нејзините континуирани напори да биде домаќин на една од најголемите светски бегалски популации.
– ЕУ ќе продолжи да ја зајакнува и интензивира својата поддршка на сите нивоа за политичката, економската и социјалната трансформација на идните членки на ЕУ, врз основа на опиплив напредок во владеењето на правото и социо-економските реформи, како и на придржувањето кон вредностите, правила и стандарди на ЕУ од страна на партнерите, се потенцира во текстот.
Натаму се нагласува дека Унијата ќе продолжи со својата значителна финансиска и техничка помош за земјите кандидати со цел да ги спроведат реформите и да постигнат целосно усогласување со правото на ЕУ.
– Советот останува посветен на приближување на партнерите до ЕУ, подготовка на теренот за пристапување и носење конкретни придобивки за нивните граѓани веќе за време на процесот на проширување. За таа цел, Советот охрабрува изнаоѓање на дополнителни мерки насочени кон понатамошно спроведување на постепена интеграција според заслуги и на реверзибилен начин, се нагласува во заклучоците.
Во овој контекст, Советот го нотира новиот План на Европската комисија за раст за Западниот Балкан, кој има за цел да ја забрза социо-економската конвергенција меѓу регионот и ЕУ врз основа на строги услови и да ги охрабри западнобалканските земји да го забрзаат темпото на реформи поврзани со нивниот европски пат.
– Имплементација (на Планот) се очекува да биде поврзана, меѓу другото, и со напредокот во европското законодавство, регионалната соработка и конструктивниот ангажман на Србија и Косово во дијалогот олеснет од ЕУ. Регионалната политика на Источното партнерство, исто така, ќе продолжи да ги поддржува Украина, Молдавија и Грузија на нивните патишта кон ЕУ, се наведува во заклучоците.
На прес-конференцијата по завршувањето на заседанието на Советот за општи работи на ЕУ, еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји потенцира дека овие заклучоци се фундаментални за напредокот на политиката на проширување и се испраќа јасна порака за посветеност на процесот на проширувањето на Унијата.
– Ова е година на моментум на политика на проширување на ЕУ и драго ми е што не само што успеавме да дадеме предлози до Советот, туку донесовме и одлуки, рече Вархеји.
Според него, конечната одлука околу процесот на проширување сепак останува да биде донесена на Европскиот совет.
– Ќе видиме каква стратешка одлука ќе донесат лидерите на Советот оваа недела и се надеваме дека ќе се согласат на јасна порака и ќе ја потврдат посветеност на јасна перспектива за членство на Западниот Балкан, Украина, Молдавија и Грузија, врз основа на препораките на Комисијата, додаде Вархеји.
Фото: МИА Архива