Веќе шеста година по ред најголемата забава во Брисел по повод дочекот на Новата година, годинава насловена „FCKNYE“, ќе се одржи во паркот Хејсел, во чиј комплекс е и популарниот „Атомиум“ и саемскиот простор „Брисел Експо“.
Според најавите на организаторите на пет сцени на површина од 80.000 квадратни метри ќе настапат вкупно 75 Ди-Џеи и пејачи од 40 земји. Забавата започна синоќа, но кулминацијата се очекува вечерва за кога организаторите, градските власти на Брисел, очекуваат присуство на околу 35.000 лица.
– Забавата е во ДНК-та на Брисел. Затоа, ние сме многу горди што го организираме фестивалот „FCKNYE“, изјави градоначалникот на Брисел, Филип Клоз.
Организаторите најавуваат „фантастичен настан“, а за непречено одвивање на настанот се преземаат превентивни мерки врз основа на Акцискиот протокол за борбата против родовото и сексуално насилство во ноќниот живот, изработен од страна на здружението „Брисел бај Најт“.
Оние пак, кои ќе сакаат ноќта да ја минат во помирна атмосфера, тоа ќе можат да го сторат на домашни забави или во кругот на семејството следејќи ги новогодишните телевизиски програми и филмови кои станаа традиција за празниците околу Божик и Нова година, како „Сам дома“ или „Фантомот од операта“.
Многу семејства во Белгија за новогодишната ноќ подготвуваат богати свечени вечери, а неодминливи се и подароците кои се разменуваат на полноќ со честитки на Новата година и три бакнежи.
Децата на возраст до кај 12 години читаат и „Новогодишни писма“ кои ги напишале за нивните мајки или баби.
Празниците поврзани со Божик во Белгија завршуваат на 6 јануари кога Католичката црква ги чествува Богојавление и тројцата мудреци кои дошле на поклонение пред штотуку родениот Исус. За таа цел деца облечени како тројцата мудреци и одат од врата до врата по домовите каде пеат песни, а домаќините им даваат пари или слатки, нешто како во случајот на нашето Коледe.
Исто така, постои традиција дека се прави и „Пита на тројцата мудреци“. Станува збор за леб во кој е сокриен „фев“, кој може да биде некоја ситница, верски симбол, пластична или порцеланска мала фигура, златна паричка или дури зрно грав. „Питата“ се дели меѓу сите присутни на оброкот и оној кај кој ќе се падне „февот“ е крал или кралица на денот.
Фото: Фејсбук