Платформата на граѓански организации против корупцијата бара институциите на системот, во целост да ги расветлат деталите околу насилниот инцидент во М-НАВ, кој се случи на ден 4.јануари.2024 година.

-Сметаме дека сите оние кои во своето работно опкружување, особено во јавниот сектор, се залагаат и делуваат против партиски вработувања, без разлика на националната припадност при вработувањата, треба да бидат заштитени.

Каков било напад по оние што се одлучиле да застанат во заштита на законитоста при вработувањата, претставува сериозна закана по доброто управување, борбата против корупцијата и клиентелизмот, и ќе делува обесхрабрувачки за идни слични потенцијални иницијативи на работните колективи во јавниот сектор. Борбата против корупцијата е должност на сите, па затоа иницијативите кои доаѓаат од јавниот сектор треба да бидат заштитени и поттикнати.

Токму затоа, Платформата бара од Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство, да се испитаат и сите индиции за корупција или ризици од корупција во работењето на М-НАВ на кои досега е укажано, токму поради потребата од воспоставување на систем во кој ќе се постапува по сигналите за злоупотреба во работењето. Само на тој начин, системот ќе им демонстрира на досегашните и идните сведоци на корупцијата во рамките на институциите дека има поента да пријават корупција, и дека по нивните сведоштва ќе се постапува.

Оттука, Платформата бара одлучна реакција на полицијата и јавното обвинителство за да се утврди кривична одговорност и овозможи заштита на оние кои пријавуваат, а од Владата како основач на М-НАВ да утврди морална и политичка одговорност кај оние што се вклучени, истакнуваат од Платформата на граѓански организации против корупцијата.