Нема да има министри во техничката влада ако пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не ја гласаат, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

– Кога се учествува во влада, тоа значи дека таа влада треба да се поддржи. Ако не гласа, сметам дека тие места треба да останат празни. Новиот мандатар да предложи влада во која местата кои ѝ следуваат на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат празни. Во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи владата, мандатарот може да предложи тие министри да бидат изгласани, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање по осветувањето на водите на Вардар и положувањто на светиот крст во Скопје.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе предложи свои кадри за техничката влада, но ќе гласаат воздржано, бидејќи не се согласуваат технички примиер да биде Талат Џафери.

ТВ Клан објави дека пратениците од ДУИ нема да ги поддржат предлозите за министри на ВМРО-ДПМНЕ ако од опозициската партија не гласаат за техничката влада и за Џафери како технички премиер.

Техничката влада треба да биде избрана 100 дена пред изборите, односно до 28 овој месец.