Косовскиот премиер Албин Курти денеска во Скопје изјави дека процесот за нормализирање на односите со Србија не е лесен, бидејќи Белград нема ниту волја, ниту желба за тој процес и затоа побара од соговорниците да се разделат евроинтеграцискиот процес за Косово од процесот на нормализација.
„Бидејќи ние сме нормална, демократска земја која треба да ги нормализира односите со земја која не е демократска, а според најпрестижните меѓународни организации се води како хибриден режим, не треба да бидеме казнети“, изјави Курти на крајот на состанокот на Западен Балкан – ЕУ.
Не е фер, смета Курти, земја во која волјата за влез во ЕУ е 94 отсто да биде заложник на прашањето за нормализација со земја во која 35 отсто од граѓаните сакаат членство во ЕУ и заостанува во однос на владеењето на правото, почитување на луѓето и малцинствата.
Курти рече дека дијалогот во моментов се води на ниво на главните преговарачи и дека нема ништо ново за можна средба на високо ниво.
Немаме трговски мерки против Србија, имаме безбедносни мерки, рече тој и го наведе примерот со трите заплени на северот на Косово минатата година.
Тој понатаму рече дека нема да се случи укинување на безбедносните мерки се додека има паравоени групи.
„Не сме подготвени да ги повлечеме безбедносните мерки се додека имаме паравоени групи“, рече Курти, пренесува РТК.