Откако шефот на државата Стево Пендаровски одби да го потпише указот за Законот за игри на среќа и за забавните игри, пропаѓа идејата за консензуален кандидат за шеф на државата, објавува Слободен печат повикувајќи се на свои извори од ДУИ.
ДУИ дефинитивно ќе оди со свој кандидат за претседател на државата, и тоа најверојатно ќе биде потпретседателот и министер за надворешни работи Бујар Османи, брифира за „Слободен печат“ висок партиски функционер, откако собранискиот спикер Јован Митрески попладнево треба да ги распише двојните избори. ДУИ му сврте грб на владиниот партнер СДСМ за претседателските избори откако шефот на државата Стево Пендаровски одби да го потпише указот за Законот за игри на среќа и за забавните игри. Со ова пропаѓа идејата за консензуален кандидат за шеф на државата.
По пресвртот меѓу владините партнери, СДСМ и Пендаровски допрва ќе треба да пресечат дали повторно ќе трчаат заедно за втор претседателски мандат. Пендаровски најави дека во втората половина на февруари ќе обелодени дали ќе се кандидира, а неофицијално најверојатно прво ќе ја чека конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ на 2 март и потоа ќе го каже ставот.
Според функционерот од ДУИ, Пендаровски сам си ја затворил вратата за поддршка од „интегративците“ за претседателската кандидатура со непотпишувањето на указот за Законот. ДУИ не може да помине преку одлуката на Пендаровски, а со тоа СДСМ не може да се надева на консензуална поддршка од владиниот партнер. ДУИ се лути зашто, како што велат, поддршка за Законот, лично од Пендаровски, на тет-а-тет средба побарал Ахмети. Законот е многу битен за ДУИ, бидејќи е изборно ветување и на него работеле две и пол години.
И пред одлуката на Пендаровски да го врати законот повторно пред пратениците, речиси извесно беше дека ДУИ ќе оди со свој кандидат, откако албанскиот опозициски блок, сега засилен и со дел од Алијансата за Албанците на Арбен Таравари, одлучи да има свој кандидат за шеф на државата. Партиско решение за кандидат за шеф на државата кај ДУИ е очекуван потег ако се знае дека нивниот главен опонент, Европскиот сојуз за промени, за претседател ќе атакува со еден од партиските лидери – Таравари или Билал Касами од Беса. Според информации на „Слободен печат“, свој кандидат за претседател на државата размислува да номинира и Алијансата, предводена од Зијадин Села, за што ќе решат по партискиот конгрес в недела.
Бујар Османи пак, според објавите на Фејсбук, веќе на големо тера претседателска кампања. Тој вчера објави видео на кое на ученици им ги објаснува тајните на дипломатијата. Видеото е снимено во просториите на МНР, а меѓу учениците се и неговите син и ќерка. Османи по средбата ги испраќа децата на скалите од зградата на МНР со крената рака, како вистински претседател.