Уште не е во целосна употреба роботот за рехабилитација на тешко подвижни пациенти што го доби Клиниката за физикална медицина во Козле. И кога ќе стане достапен за пациентите, прашање на стручна проценка е дали на него ќе можат да се лекуваат пациенти со повреди како Леонид Индов велат од Клиниката, објавува Радио Слободна Европа.
Ниту една институција во државата не е соодветна да третира пациенти со тешки оштетувања како што има 19 – годишниот Леонид Индов, велат лекари и директори на институции за рехабилитација со кои разговараше Радио Слободна Европа. Осумнаесетгодишниот Леонид Индов минатото лето доживеа тешка несреќа на летување во Грција што предизвика сериозна повреда на рбетниот мозок.
Новиот робот за рехабилитација, таканаречен „локомат“, што пред Нова Година го доби Клиниката за физикална медицина и рехабилитација во Козле(поранешен Завод за рехабилитација) уште не е целосно во функција, а и да е – прашање на стручна проценка е дали воопшто Леонид ќе може да го користи.
Овој робот се смета за еден од најсовремените апарати за рехабилитација и е голема надеж за пациенти кои поради повреда не можат да се движат.
„Фондот за здравствено осигурување треба да оформи цена по која пациентите ќе го користат апаратот. Ние доставивме се што беше побарано од нас“, изјави д-р Велика Лабачевска, в.д директорка на Клиниката за физикална медицина и рехабилитација за Радио Слободна Европа.
Од Фондот одговорија дека „процедурата за дефинирање на референтна цена за здравствените услуги со роботска рехабилитацијае во тек“.
Заменик министерката за здравство Маја Манолева пред два дена изјави дека родителите на Леонид не побарале рехабилитација во земјава, но и дека на државните клиники има современи услови и апарати за лекување.
„Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација, од којашто јас дојдов на позицијата заменик министер, во последниве 4-5 месеци веќе работи со најнова, најсовремена апаратура за роботска рехабилитација којашто им овозможува на тешките неподвижни пациенти да го вратат процесот на одење“ изјави Манолева на 21 февруари при посетата на Здравствениот дом во Тетово.
Според индикациите што ги изготвиле стручните лица од Клиниката за физикална медицина, роботот не е препорачлив за пациенти со декубит (рани на телото), со трахеостома, со респиратор, со контрактури на екстремитетите… Изворите на РСЕ велат дека овој апарат дури и нема дел каде пациент може да ја стави раката, односно дека е наменет главно за рехабилитација на способноста за одење.