Намалување на метежот и редиците на чекање во здравствените установи, квалитетна здравствена услуга за сметка на намалената административна работа, брза комуникација и консултации меѓу примарната, секундарната и терцијалната здравствена заштита се само дел од целите што требаше да се постигнат со воведувањето на „Мој термин“. За жал, реалноста е сосема поинаква. Тешко наоѓање на термин за специјалистички прегледи, полни амбуланти, влегување преку ред со изговор „само да прашам“ и по пријателска линија и непочитување на закажаниот термин.

Матичните лекари се соочуваат со проблем да закажат термин за специјалистички прегледи, а пациентите доколку го добијат терминот, во зависност од специјалистичката услуга, може да чекаат и по неколку месеци, иако понекогаш итноста на болеста е поважна од чекањето.

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари доктор Лилија Чолакова-Дервишова во изјава за МИА вели дека не постои матичен лекар кој нема проблем со закажување на специјалистички прегледи и дека најчесто се принудени да ги праќаат пациентите со приоритетни упати. Овие пациенти во специјалистичките амбуланти се прегледуваат последни откако ќе поминат сите оние со закажан термин.

– Станува многу тешко да се работи како матичен лекар и проблемите се енормни затоа што нема термини. Одредени доктори веќе со години ги немаме видено да имаат ставено термин или ставаат малку термини. Така што замолувам Мој термин да има поголема контрола или нешто треба да менуваме во целокупната ситуација бидејќи сакајќи да се направи специјалистот да биде подостапен за народот, излегува дека едноставно пациентите не можат да завршат работа, нема термини, па мора да одат на приватно. Нешто не функционира, време е за ресет, вели Чолакова Дервишова.

Најмногу се чека за еко на дојка, ехо на простата, мамографија, колоноскопија, гастроскопија, компјутерска томографија, ПЕТ скен…. , но проблемот, според доктор Чолакова-Дервишова, е и во тоа што недостигаат специјалисти во внатрешноста во сите области, па болниците не работат 24 часа, иако согласно закон треба да пружаат 24-часовна здравствена заштита. Поради тоа, пациентите се принудени да бараат здравствени услуги на друго место.

– Сликата во Скопје е една, додека во внатрешноста е сосема друга. Недостигаат специјалисти во внатрешноста по сите основи. Едноставно, болниците се десеткувани и празни. На пример, во Болницата во Велес има шест одделенија со по еден специјалист така што 24-часовна услуга нема. Ако се случи очниот лекар да е прва смена и да дојде пациент во втора смена со повреда на окото мора веднаш да се прати за Скопје. Така што проблемите се навистина големи и мора ингеренциите да се симнат на пониско ниво и менаџерскиот тим на Министерството за здравство за овие и други клучни интервенции да прераспредели кадар бидејќи по Устав и по Законот за здравствена заштита, болниците треба да пружаат 24-часовна здравствена заштита, вели Чолакова-Дервишова.

Во Клиничката болница во Тетово од денеска се пуштени во употреба два нови ЕХО-апарати, во вредност од 160 илјади евра.

Според Чолакова-Дервишова, неретки се случаите и кога пациентот има закажан термин, а специјалистот го нема.

– Каде се санкциите зошто некој се става само два дена на термин или има само два термина во денот. На ова ние веќе подолго време алармираме, вели Чолакова-Дервишова.

За голготата низ која поминуваат пациентите низ здравствените лавиринти за МИА сведочи и пациентката Ана Марјановиќ која за скен на коски чекала од септември за да биде повикана на снимање кон почетокот на декември. За парадоксот да биде поголем, во разговор со пријателките сфатила дека сепак времето на чекање не било долго, односно дека завршила работа за краток временски период.

– Од лично искуство знам дека чекав од септември до почетокот на декември за скен на коски. Сега има пациенти кои, наместо да се намалува времето на чекање, за скен на коски, чекаат околу четири месеци, истото е и за ПЕТ скен, вели Марјановиќ.

„Мој термин“, според неа, е нешто што можеби функционира, но не и за пациенти кај кои е дијагностицирана болеста и кои имаат потреба од редовни контроли.

– Јас ќе зборувам за Ц-50 болеста. Правите редовни контроли минимум на шест месеци што значи дека ако јас најдам по некоја случајност термин сега, по Мој термин или по новиот скрининг, треба да почнам од следната недела да барам термин за следното снимање. Меѓутоа кога станува збор за ехо и мамографија не ги закажуваат така, туку ги отвараат на месец.. Значи проблемот со онколошките пациенти и снимањата што треба да ги имаат посебно ехо и мамографија се решава единствено кога ќе отидете кај радилогот и ја знае вашата историја, да ја има можноста во истиот момент да ви закаже термин за шест месеци и да немате потреба од одење по тие бирократски патишта прво затоа што се намалува времето на чекање и резултатите ќе бидат на време, а второ посебно за овој тип на дијагнози е многу важно оној кој ве гледа да ве познава и да знае што видел претходниот пат, појаснува Марјановиќ.

Здравствените власти уверуваат дека редовно се врши контрола во електронскиот систем на закажување, но дека за да се добие целосна слика на ситуацијата треба да се имаат предвид неколку фактори меѓу кои дефектите на апаратите, потребата од редовно сервисирање, како и несовесноста кај дел од пациентите кои закажуваат термин, а потоа не доаѓаат.

Заменик-министерката за здравство Маја Манолева во разговор за МИА посочува дека минатата година само за магнетна резонанца од вкупно закажаните термини, една петтина не се реализирани поради недоаѓање на пациентите.

–  Во изминатата година вкупно се реализирани 24.395 упати за магнетна резонанца, но нереализирани се 4.370 упати за магнетна резонанца, што претставува една петина од вкупниот број на термини. Со цел правилно да го разбереме овој проблем, би сакала да додадам дека треба да ги имаме предвид сите дефекти кои што се случуваат во тековното работење на дијагностичките апарати, но исто така и потребата за редовно сервисирање на апаратурата со цел да добиеме соодветни дијагностички извештаи од истите, вели заменик-министерката за здравство Маја Манолева.

За недоаѓање на закажан термин, разгледувани се повеќе можни решенија, а едно од нив е пациентите да го потврдат терминот неколку дена пред да дојдат на преглед.

Заменик-министерката Манолева вели дека ќе се оди со решенија кои нема да бидат на товар на пациентите на кои и онака им е тешко поради болеста што ја имаат, но сепак повикува на совесност, а доколку граѓаните не се во можност да дојдат, да го откажат терминот кој може да се искористи за друг пациент.

Во Законот за здравствена заштита и сега има член со кое се уредува овој момент. Во член 39-а, став 12 е наведено дека пациентите се должни да го почитуваат терминот закажан преку електронската листа на прегледи и интервенции, а доколку се оневозможени да дојдат, треба да го откажат најмалку 24 часа претходно.

Закажувањето термин не е единствен проблем, се чека и за резултати

Чекањето да се закаже термин не е единствниот проблем со кој се соочуваат пациентите. Понекогаш се чека и за читање на резултатите од снимањето, а една од причините е недостигот на радиолози во земјава.

Марјановиќ, која е пациент на Клиниката за онкологија, вели дека онколозите прават напори доколку е нешто итно да се најде термин, меѓутоа и тогаш се јавува проблем особено ако треба да се направи магнетна резонанца или ПЕТ скен бидејќи нема кој да ги прочита резултатите.

– Откако ќе причекате неколку месеци за да стигнете до терминот, тогаш чекате три недели до месец дена за некој да може да ги прочита тие резултати  бидејки бројот на радолози кои ги читаат резултатите е многу мал, вели Марјановиќ.

Според неа, словенскиот систем на двојна проверка на читањето на резултатите е нешто што треба да се воведе во земјава за да се намалат и грешките што се прават, за кои вели дека не се така мали.

Заменик-министерката за здравство Манолева признава дека радиолози како кадар фалат, но додава дека голем е бројот на веќе упатени доктори на специјализација. Манолева се надева дека во наредните две до три години овие кадри ќе бидат дел од јавните здравствени установи и дека ќе се пополни празнината што постои во овие години.

Според надлежните, во изминатите шест-седум години речиси двојно е зголемен бројот на доктори на специјализација и супспецијализација. Без последниот конкурс, има околу 1.300 доктори упатени на специјализација и околу 400 доктори упатени на супспецијализација.

Блаже Дарудов

Билјана Анастасова-Костиќ

Фото и видео: МИА