НГИ „Коалиција на Египќани“ на претстојните претседателски избори, ќе ја поддржи кандидатката за претседател на Македонија, проф. д-р Гордана Силјановска Давкова, велат од Коалицијата.

„Ние, НГИ „Коалиција на Египќани“ како во 2019 година, така и сега, ќе ја поддржиме професорката Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател, кандидирана од страна на ВМРО ДПМНЕ, политички субјект со кого имаме долгогодишна соработка и потпишан Меморандум за соработка“, вели лидерот на „Коалиција на Египќани“ Демир Далип.

Според „Коалиција на Египќани“, Гордана Силјановска Давкова детално е запознаена со проблемите со кои се соочува ранливата и маргинализирана етничка заедница на Египќани, како лојална и конструктивна етничка заедница.

„Остварување и унапредување на основните човекови права и слободи на човекот и граѓанинот се основата на програмата на проф. д-р Гордана Силјановска Давкова, од тој аспект е заснована нашата поддршка, институционалната интеграција и демаргинализација на Египќаните. Се бориме за рамноправност и еднаквост, а во таа наша борба, наши соборци ќе бидат проф. д-р Гордана Силјановска Давкова, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски и, секако, политичкиот субјект ВМРО-ДПМНЕ. Египќаните имаат право да бидат рамноправни и еднакви со сите граѓани на нашата заедничка татковина Македонија“, истакна Далип.