Министерството за надворешни работи на Косово ги демантира наводите во српскиот печат за наводно постоење на некакви „црни листи“ и одлуки на косовските институции за спречување на највисоките претставници на Република Србија да влезат во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

– МНР потсетува дека, за разлика од практиките на составување на „црни листи“ и листи на „непожелни личности“ од страна на соседната држава, на кои се наоѓаат високи официјални претставници на Република Косово, како и спортисти, уметници, академици… но не само тие, туку и обични граѓани на кои им се забранува да ги посетат своите блиски на српска територија, институциите на Косово го реализираат, во духот на договореното и во пракса, Бриселскиот договор, кој јасно го специфицира начинот на кој се одвиваат посетите на претставниците на двете соодветни држави, се вели во соопштението на косовското МНР.

Официјална Приштина изразува „длабоко жалење“ поради тоа што медиумите во соседна Србија „и по две децении од завршувањето на војната, продолжуваат да објавуваат лажни вести, кои извираат од пропагнадната политика на властите во Србија“.

Во соопштениет на косовското МНР се заклучува дека, со ваквиот начин на информирање, српските медиуми „сериозно ги кршат основните принципи на новинарската професија за објавување вистинити, точни, независни, неутрални и професионални информации“.

Весникот „Новости“ објави денеска список на српски официјални претставници, поаѓајќи од премиерката Ана Брнабиќ, потоа министри во нејзината влада, раководството и пратеници во Парламентот на Србија, до судии во Уставниот и во Врховниот суд, на кои наводно им е забранет влезот во Косово. Според белградскиот весник, на косовските гранични органи им е наложено тие лица веднаш да се уапсат доколку се обидат да влезат во Косово.