Весел празник беше и Прочка, која се паѓа на осум недели пред Велигден. Тој ден сите си простуваат едени на други за да бидат подготвени за пречек на големиот празник Велгиден. Во секој куќа морашае да има сукана баклава или најмалку кадаиф и гурабии, но овие две блага немаа голем углед. Поради Прочка, мајка ми уште два-три дена пред празникот сукаше баклава за најголемата тепсија. Многу пред тоа ги подготвуваше потребните материјали: пресно или топено масло, ореви, нишесте, брашно.
Во четвртокот пред неделата, таа ги сукаше корите, а ние само се вртевме околу неа. Правеше 60 или 70 кори, тенки како цигарена хартија и ги редеше во тепсијата, при што од краиштата на корите во помала тепсија правеше друга баклава, таканаречена „сиромашка баклава“.
Откако ќе се испечеше во фурната, малата баклава ја полеваше со шербети и ни беше дозволена да ја јадеме, а големата се начнува само во недела, за ручекот. Месо или месни јадења на Прочка не се прават. Се јадат риба и зелник.
По вечерната литургија, каде постарите луѓе во црквата си проштеваат меѓу себе, почнува празникот. Куќите секому се отворени. Целата тепсија со баклава е поставена на софрата среде соба и околу неа се наредени леблебија, суво грозје, ракија и чашки за ракија. Приквечер почнуваат посетите на познати и блиски. Следуваат благослови, добри желби за пречек на големиот ден. Следуваат благослови, добри желби за пречек на големиот ден. Ние децата ги обиколувавме сите познати во маалото и бездруго ја пеевме песната „Трчај, трчај, коњу“. Имаше и други песни: Чудно стана по свето, да се гонат владици и патрици“… и поновите песни „Македонијо, мајко мила“… До доцна во ноќта песните се слушаа низ сето маало, низ целото село. Најблиските роднини при крајот на вечерата се собираа на едно место и веселбата и јадењето продoлжуваа до стемнување, зашто од утре требаше да се држи „тример“, т.е. да не се јаде ништо до кај икиндија (до зајдисонце), кога камбаната бие за вечерна. До тоа време ништо не се јадеше , ниту се пиеше вода.
А имаше луѓе што држеа тример до средата наутро, кога одеа в црква, се причестуваа и почнуваа да јадат. Овој пост се држеше за здравје, а момите за избор на убаво момче.
На чист понеделник жените, сите до една, миеја се со пепел и сапун. Циганите уште од рано ги обиколуваа куќите да ги соберат остатоците од јадењето кое беше изобилно. Во прво време и мајка ми остатокот од баклавата им го даваше на Циганите, но подоцна ја чуваше до Свети Тодор и веќе возрасни, се послужуваве од неа на тој ден. Уште од Чист понеделник почнуваа подготовките за Велигден…“
(Од Спомените на Христо Поп Антов)
Христо Поп Антов (16. V 1879 – 31. I 1964) е учител и македонски револуционер, претседател на Тиквешкиот ОРК на МРО. Во 1899 година завршил педагошко училиште во Скопје, а право во Швајцарија. Учителствувал во Кавадарци и бил раководител на ОК на МРО во Кавадарци. Прогонуван од османлиските власти, по Востанието се засолнил во Софија. Во 1910 година работел како судија во Скадар, а потоа бил адвокат во Софија.