Суд на Европската унија отфрли тужба на ветеран од Втората светска војна и други Британци кои живеат на европскиот континент против преговорите за брегзит, одлучувајќи дека нивните права како граѓани на ЕУ, со тоа не се прекршени.

Хари Шиндлер (97) кој живее во Италија е еден од 13 Британци кои живеат во странство кои се пожалија во Општиот суд на ЕУ дека поради брегзит ќе останат без права како европски граѓани и дека минатогодишната одлука на Советот на ЕУ да прифати нотификација за напуштање на Обединетото Кралство од ЕУ, ги прекршила нивните права бидејќи по британски закони не смееле да гласаат на референдумот од 2016 година.

Судиите тужбата ја отфрлија како неприфатлива бидејќи одлуката на Советот за почеток на преговори со Лондон сама по себе нема никакви дефинитивни последици за нивните права.

Шиндлер од лондонскиот Висок суд бараше сите Британци кои живеат во странство да имаат право на гласање за референдумот. Судиите два месеца пред референдумот одлучија дека на властите тоа би им било претешко за спроведување.

Британските граѓани по 15 години живеење во странство по закон губат право на глас.