Германија и Франција би можеле да посредуваат меѓу Украина и Русија за тензиите меѓу двете држави да не прераснат во тешка криза. Тоа го изјави денеска во Мадрид германскиот министер за надворешни работи.
Хајко Мас прецизираше дека за време на долго планираниот состанок во Берлин со Русија и Украина, Франција и Германија заедно ќе се потрудат како посредници да не прерасне судирот во тешка криза.
Политички директори во МНР во четирите држави би требало денеска да се состанат во Берлин, прва прилика за состанок на страните во судирот, објасни Мас.
Тој смета дека тензиите околу Крим и на исток во Украина претставуваат опасност за безбедноста во Европа.
– Ќе се фокусираме во насока на постигнување политичко решение кое одамна требаше да го издејствуваме, рече Мас.
Германија претходно бараше враќање на бродовите и ослободување на морнарите приведени од руската морнарица во Азовското Море, меѓу Украина и Крим.