Бојан Јовановски побара, а Апелација одлучи да му даде нова шанса да ја докажува невиноста во предметот „Меѓународен сојуз“ во кои заради измама и перење пари заработи деветгодишна затворска казна. Тој се враќа во судница, а на поранешната пратеничка Фросина Ременска и е поврдена ослободителната пресуда, објави ТВ Телма.
Судиите од повисокиот суд се согласуваат со одлуката на Кривичен дека за Ременски не биле собрани доволно докази. Помошничката на Јовановски, Христина Блажевска и Апелација ја ослободува за измама, но и неа одново ќе и се суди за кривичното дело перење пари по истото обвинение, како и останатите физички и правни лица во процесот.
„Истовремено, Апелациониот суд Скопје, со решение ги уважи жалбите на обвинетите Б.Ј., Ј.Е., Х.Б. и обвинетото правно лице М.С., сите од С. и по повод жалбите и по службена должност пресудата на Основниот кривичен суд Скопје по однос на обвинетиот Б. Ј. за кривично дело Измама, обвинетата Ј. Е. за кривично дело Измама, обвинетата Х. Б. за кривично дело Перење пари, обвинетиот М. Ј. за кривично дело Перење пари и други приноси, ја укина и предметот во тој дел го врати на повторно судење пред првостепениот суд,“ се наведува во одлуката на Апелациониот суд Скопје.
Миле Јовановски, таткото на Боки 13, одново ќе се суди за делото перење пари, а повисокиот суд бил построг во одредување на казната за поседување пиштол и наместо двете години условна казна му изрече една година затвор.
Според обвиниението со наводен проект за изградба на комплекс за возрасни, Бојан Јовановски измамил двајца бизнисмени, а со парите што нивните фирми ги уплатиле, ги финансирал телевизијата „1ТВ“ и невладината „Меѓународен сојуз“ и купувал лични предмети. Тој доби казна затвор од девет години, неговата соработничка, Јасна Ерцеговиќ, четиригодишна затворска казна и Христина Блажевска, затвор од една година. Процесот влезе во суд во 2020-тата година, а заврши по една година и девет месеци.