Кампањата е коректна, освен притисоците од страна на раководителите и директорите од државните институции врз вработените во државната администрација, оцени денеска кандидатот за претседател од коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари.
Тој денеска ја посети старата Скопска чаршија каде што оствари средби со граѓани и бизнисите што гравитират во овој дел од градот.
„Ние ја тераме нашата кампања генерално позитивно, нормално нашата екипа ги следи и другите кандидати. Мислам дека досега кампањата е коректна, освен притисоците што се вршат врз администрацијата. Луѓето ни пишуваат редовно дека имаат некаков тип притисок од своите директори и раководители, меѓутоа се надевам дека промените се видливи за сите граѓани, така што веќе не е тука кој ќе биде идна влада само што побргу да помине ова. Се надевам дека ќе помине бргу и на 9 мај на денот на Европа ние ќе имаме нова влада и дефинитивно со нов состав“, рече Таравари.
За притисоците врз јавната администрација вчера зборуваше и кандидатот за претседател од Движењето За наша Македонија (ЗНАМ), Максим Димитриевски. Тој посочи дека за нецел месец се соочил со две обвиненија и додаде оти има притисоци од власта за кои, како што рече, имаат за цел да го оттргнат од целосна посветеност на изборниот процес.
Освен кон него, Димитриевски рече дека притисоци имало и кон вработени во јавната и во државната администрација, како и кон граѓани од ниски социјални слоеви.