Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник Антонио Милошоски открива уште еден скандал во одлуките за испраќање амбасадори од Република Македонија.
Милошоски на социјалнитре мрежи објави дека министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој сега е кандидат на ДУИ за претседател на Република Македонија, испратил амбасадор во Индија да биде личност кој, како што наведува Молошоски е „недостоен да ја врши таа висока државна функција“.
Во продолжение целата објава на Милошоски:
Зошто Османи во Индија испратил амбасадор за кој судот одлучил да му се конфискува незаконски стекнат имот?
Амбасадорот Слободан Узунов треба под итно да биде отповикан од Индија затоа што е недостоен да ја врши таа висока државна функција, без разлика колку им е близок на функционери од СДСМ и на министерот Османи. Еве зошто:
Фросина Ушлиновска, Слободан Узунов и Кирил Бухов (вториот е братучед, а третиот сопруг на Ирина Бухова, поранешен директор на Државен здравствен инспекторат) се основачи на фирмата “Инженеринг ОК Групација”. Со судска пресуда од декември 2018 утврдено е дека оваа фирма на ул.Хелсинки бр.49 (Тафталиџе1, Карпош): изградила зграда без дозвола за градба; изработила фалсификат одобрение за градба;
противправно се стекнале со имотна корист преку продавање на стамбен простор во дивоградба со лажна документација и измамиле пет фамилии кои уплатиле 200.000 евра за станови кои сеуште не ги добиле.
Судската пресуда, која станува извршна во 2021 година, налага од Фросина Ушлиновска, амбасадорот Слободан Узунов и Кирил Бухов да се конфискува непосредна и посредна имотна корист стекната со извршување на кривично дело и да им се врати на оштетените пет фамилии, кои останале и без пари, и без станови.
Но, и покрај ваквото дело, ниту МНР Османи ниту владата, немале проблем во март 2021год. да донесат одлука Слободан Узунов да биде именуван за амбасадор во Индија. МНР Османи требало да знае за овој случај бидејќи оштетените фамилии очајно ја барале правдата и за овој криминал неколку пати писмено ја известиле Владата, Јавното обвинителство, Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет и градоначалниците на општина Карпош, Стевчо Јакимовски и Стефан Богоев. Во меѓувреме, основачите на фирмата, меѓу кои и амбасадорот Слободан Узунов, преку правни трикови се обезимотиле, што може да се види и од неговиот празен анкетен лист во регистарот на ДКСК и сега амбасадорот “нема” средства, нема приходи, нема фирма, ниту има имот за да плати обесштетување на жртвите на измамата. Не знам дали МНР воопшто му уплаќа плата на трансакциска сметка?!
Во текот на целата оваа голгота за пет фамилии, двајца од уплаќачите на овие дивоизградени станови веќе починале, другите се на улица, а дивоградбата во срцето на општина Карпош (ул. Хелсинки бр.49) е запленета од Агенцијата за управување со одземен имот. А Бујар Османи ни збори за европски вредности!
Пред министерот Османи да се обиде да ја сокрие својата неспособност позади флоскулата “лажни вести”, му препорачувам да направи увид во пресудата бр.1411/19 од Кривичниот суд Скопје, како и да го побара предметот од Агенцијата за управување со одземен имот, каде директор е нему добро познатиот Дритон Небиу. Потоа нека ни збори за владеење на правото и за “европскиот фронт” во кој измамници со дивоградби се поставуваат за амбасадори.
И за крај, владата на Република Македонија и претседателот Пендаровски под итно треба да донесат одлука за отповикување на амбасадорот Слободан Узунов, согласно чл.36 од Законот за надворешни работи, бидејќи не е достоен да ја извршува оваа највисока дипломатска функција!