АПОПЛЕКТИЧЕН (КРАЈНО ЛУТ И АГРЕСИВЕН) ДИСКРИМИНИРАЧКИ ГОВОР НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИОТ КАНДИДАТ Г. СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ (погледни видео)
Митрополит Кумановско‒осоговски ГРИГОРИЈ
Претседателскиот кандидат г. Стево Пендаровски во своите изјави во текот на изминатата година применува „стратешка ‛тужба’ против учеството на јавноста (SLAPP тужба; Strategic Lawsuit Against Public Participation) за критика на неговите неуставни постапки на „загрозување на независноста“ на Македонската Православна Црква (МПЦ), доведувајќи ја во положба на потчинетост или зависност спрема грчката патријаршија од Истанбул. Тој, исто така, протежира и употребува сила со цел да го измени уставниот поредок на МПЦ.
Претседателскиот кандидат со неговите неосновани изјави не бара правда, туку има намера да нѐ замолчи и да ни предизвика „заплашувачки ефект“.
Изјавите на г. Пендаровски содржат „јавна тужба“ ‒ клевета поднесена до поединци од Синодот на МПЦ со цел да бидат одвратени од критика ‒ да бидат спречени да продолжат да „произведуваат“ негативен публицитет против т.н. томос од грчката патријаршијата во Фанар — Истанбул. Целта на г. Пендаровски е да изврши влијание за сопирање на критиката!
Доделувањето „томос“ од грчката патријаршија во Истанбул е ПРОТИВПРАВНА (неканонска) постапка, почеток на реформирање на начелото на соборност наспроти супрематијата во Православната црква.
Претседателскиот кандидат знае дека нема ниту „основи на сомневање“, камоли основано сомневање за сторено кривично дело, дека од него посочените „тројца владици од МПЦ“, сториле кривично дело „шпиунажа“, и затоа користи НЕКОНКРЕТНА генерализација, „тројца сториле кривично дело“, но според кој член од Кривичниот законик на Р Македонија или Уставот и законите на МПЦ?!
Самиот г. Пендаровски е свесен дека не постои основ од казнено материјален ниту од казнено процесен аспект, туку тој има за цел да ги спречи критичарите да даваат јавни изјави за своето уверување. Пендаровски ја искористи политичката моќ за да спречи поединците да го искористат своето право на СЛОБОДА НА ГОВОР — изразен преку СЛОБОДАТА НА ВЕРОИСПОВЕД и УВЕРУВАЊЕ, а во врска со автокефалниот статус на МПЦ — res iudicata, правосилно пресудена ствар. Изјавите на г. Пендаровски содржат клевета и дискриминација, за што треба да сноси одговорност!
Кандидатот е свесен дека кај „тројцата членови на Синодот на МПЦ“ НЕ МОЖЕЛ ДА ОЦЕНИ дека постои ОСНОВАНО СОМНЕВАЊЕ или дека е исполнето законското битие на основниот облик на ова казнено дело, како што го квалификува „руска шпиунажа“. Пендаровски имал цел да поддржи, поттикне и разгори јавна омраза и да искреира навредлива или неоснована јавна клевета поднесена поради остварување на нашите политички права или слобода на изразување во врска со прашања од јавен и црковен интерес.
Спротивно, г. Пендаровски изврши дискриминација, поточно во јавноста за „тројцата владици од МПЦ“ искреира жртви на дискриминација (инфинитезимална на Христовата жртва), врз основа на верска, расна, етничка, ксенофобична основа. Пендаровски имал умисла, мотив или цел да нѐ изложи на ризик од извршување насилнички акт врз нас, што е со законот дефиниран како казнено дело. Тој во јавноста поттикна предрасуди и омраза кон „тројца владици од МПЦ“, притоа мешајќи се во внатрешната политика на МПЦ, Пендаровски го наруши принципот на секуларизам, притоа поттикнувајќи раздор меѓу членовите на Синодот на МПЦ.
На „тројцата владици на МПЦ“, Пендаровски им ја донесе во прашање слободата на изразување и уверување, коишто се гарантираат со Повелбата за основните права на ЕУ (член 11) и Европската конвенција за човекови права (член 10), бидејќи изјавите на тројцата владици не повикуваат на насилство или омраза, затоа не смеат да бидат исклучени или ограничени од уживањето на слободата на изразување, односно само во таков случај се дозволува ограничување на слободата на изразување за да се спречи штета на другите.
Не постојат правни и морални основи што можат да го оправдаат прибегнувањето на г. Пендаровски во планирањето и учеството во најекстремните акти против „својата“ Црква, односно нејзиниот суверен. Оваа противправност вклучува дејства како што се учество во потчинување на родната црква под власта на друга црква; „туѓинци се кренаа против нас“ (Пс 53).
Господине Пендаровски, лично нема да Ви дозволам врз мене да го употребите методот DARVO — „одбиј, нападни, и замени ја жртвата со сторителот“(„Deny, Attack, and Reverse Victim and Offender“) — сторителот направи го жртва, а жртвата злосторник! Не Ви дозволувам мојата заштита на уставниот поредок на МПЦ, зачувувањето на називот Македонска црква и унитарноста на Македонската дијаспора под власта на МПЦ — да ја преквалификувате дека сум „руски шпиун“!
Јас лично, како митрополит на МПЦ, имам уставни права и обврски да учествувам во креирањето на политики на Синодот, и немам друг механизам, вклучително и останатите двајца владици, освен да применуваме НЕНАСИЛЕН ОТПОР против политичката сила на претседателскиот кандидат, во (октроирани) услови да гозаштитуваме уставниот поредок и суверенот на МПЦ ‒ од НЕУСТАВНА (насилничка) измена на Уставот против застапувањата на државниот политички фактор Претседател на државата, кој директно се вмешува кршејќи го принципот на секуларност.
Политичкиот филозоф Џон Лок вели: „Што и да пишувам, штом ќе откријам дека не е вистина, мојата рака е таа што најнапред ќе ја фрлам во оган.“ Што треба да направите, Вие господине кандидат, за измаматa што ја ширите дека „тројца владици се руски шпиуни“?!
Почитуван г. Пендаровски, ние — жртвите на дискриминација ќе продолжиме,
Во одбрана на називот Македонска народна црква;
Во одбрана на Македонскиот народ во дијаспората — за да не падне под туѓа управа;
Во одбрана на Православието од реформа на првенство ограничено во Помесната црква, наспроти неограничено првенство над сите Помесни православни цркви, што е цел на реформаторството,
Со парадигмата и постулатите на МПЦ и на Православието нема да компензираме според принципот — quid pro quo или do ut des (ти давам, да дадеш)!
Нема да тргуваме, ниту преговараме за најсветото на нашата православна црква, името МПЦ, кое претставува природно право/вредност — заштитена со ius cogens нормите на меѓународното право. Ниту државата, ниту којбило субјективен политички фактор, нема право да го измени прородното право на самоопределување и самоименување на еден народ на својата црква како Македонска Црква, прифатено и од поголем број Помесни православни цркви.