Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ја коментираше одлуката на Македонија да биде еден од коспонзорите на резолуцијата за прогласување на 11 јули како Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Вучиќ изјави дека предлог-резолуцијата за Сребреница, за која ќе се изјаснува Генералното собрание на Обединетите нации, е идеја на Германија која ја поддржале најмоќните членки на НАТО, вклучувајќи ги и САД.

-Сосема е сеедно на чие раководство е таа одлука, станува збор за С. Македонија, им благодариме на тоа, веројатно сме заслужиле со сè што направивме за пријателството со С. Македонија, рече Вучиќ.

Тој истакна дека многу повеќе земји ќе гласаат против резолуцијата, односно дека исходот од гласањето нема да биде онаков каков што очекува Западот.

– Германците ја водат таа игра во Генералното собрание, Американците им се придружија. Тие очекуваат дека западниот блок со поддршка од исламските земји може да обезбеди сигурно мнозинство и со тоа да им зададат дополнителен удар на Србите и Србија. Германците не кријат дека тоа е така. Но отпорот на тоа станува сè поголем, сметаа дека ќе им требаат најмалку 70 до 90 гласа за, 60 до 70 воздржани, и 20 до 30 против. Нема да биде таков резултатот, кажа Вучиќ.

Српскиот претседател истакна дека Македонија е еден од коспонзорите на резолуцијата за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница „врз основа на одлуката на пред сè албанското раководство“.

Истакна дека иницијаторите на резолуцијата „се труделе на секој континент да најдат некого“ и додаде дека ги нашле Руанда, Нов Зеланд и Чиле, како и неколку земји „кои секогаш се спонзори на такви проекти како Малезија и Јордан“.

-Ја видов и Австрија, тоа е лична одлука на министерот за надворешни работи Александер Шаленберг. Ништо специјално и неочекувано, имајќи предвид што сè Шаленберг би направил против Србија, иако тој ќе каже дека ова го прави за добро на Србија. Ако имаат повеќе гласови за резолуцијата отколку против, што е веројатно, ден по усвојувањето ќе ги кренеме српските знамиња и ќе одиме по нашите и светските улици уште посилно, поцврсто и порешително и со крената глава. Самото гласање во Генералното собрание на ОН ќе ви покаже каде лежи вистината и покрај сите притисоци на Германците и Американците, истакна Вучиќ.