Браќа, денес го слушнавте евангелистот како раскажува за Христовите страдања што нашиот Создател и Бог ги претрпе за нас. Како да не затрепери срцето, кога слуша дека Бог претрпел такви страдања поради Своето големо човекољубие? Или кој нема да се ужасне слушајќи за такви страшни чудеса? Кога сонцето Го виде како е распнуван, својата светлина ја претвори во темнина, а месечината, не можејќи да ги гледа таквите дела, стана црвена како крв. Земјата од страв се тресеше. Сè се раздвижи: камењата се распаѓаа, а Црквата, како Христова невеста, раскривајќи ја својата тага, ја раздра својата завеса на два дела. Гробовите се отворија и ги ослободуваа телата на светите, за уверување и за изобличување на неверните.

Но ниту со помошта на овие чудеса, не можеа да омекнат каменосрдечните Евреи. Поради тоа, тие биле укорувани и од пророците. „Чудете се на тоа, небеса, и ти, земјо, затрепери!“ Ете, во такво големо зло падна човечкиот род. Да не беа ги виделе барем чудесата што Он ги правеше меѓу нив: на слепите да им дава вид, бесови да изгонува, лепрозни да очистува, секакви болести да лекува мртви да воскреснува, сакајќи на сите да им го покаже општото воскресение! За Него не беше доволно само да се облече заради нас во бедното и распадливо тело, и да се повие во пелени, Оној што небото го облекува со облаци! Во сиромаштија поживеа Оној што на сите им дава богатство изобилно. Ругање, плукање и шлаканици прима Он од земни созданија – луѓето, што Он ги создаде со Своите пречисти раце, и ги обдари со слободна волја, поставувајќи го човекот за цар на сето создание. А тие – за направеното добро, Му ставија трнов венец. Го изведоа на суд како обичен човек, велејќи му на Пилат: „Земи, земи, распни Го!“ Од Пилат прима суд Оној што ќе им суди на сите! Со оцет и со жолчка го појат Оној што со небесна храна ги насити сите народи. Сите овие работи ги трпи доброволно, бидејќи не ја сака смртта на грешникот, туку негово обраќање и покајание.

Он сака да нè освети со Себе и да нè направи заедничари на Своето царство. Он им рече на Своите ученици: „Јас сум лебот на животот, Кој слезе од небото и Кој му дава живот на целиот свет“. Гледајќи ја нашата немоќ – дека човек не може да јаде крваво месо, ниту да пие крв, Он го претвори Своето тело во леб, и крвта Своја во вино. Но не секој леб и секое вино, туку она што се претвора преку Светиот Дух, како што им предаде на Своите ученици, велејќи: „Примете, јадете, ова е Моето тело, кое се прекршува заради вас, за прошка на гревовите; ова правете го за Мој спомен“.

Да, браќа, добро е да го земаме и да го примаме Божјото тело со чисти срца, молејќи Му се нелицемерно, не слично на крадци како Јуда, та да не се случи, наместо благодат, во нас да влезе ѓаволот – сатана, како во него. Но откако ќе си ја очистиме душата, совеста и телото од секаква скверна, така да го примиме светото тело, за очистување и за спасение на душите наши.

А ние бедните, браќа, што можеме да Му дадеме на Господа наместо тоа? Но барем отсега па натаму да се воздржуваме од злото и да просолзиме, гледајќи како Бог прима толку страдања од слугите заради слугите; како Праведникот и Создател на сè умира за грешниците, бидејќи Он нè возљуби толку многу, не можејќи да трпи да го гледа Своето создание паднато во толку големо зло, и заради нас бедните дојде во такво смирение – и стана гладен и жеден, и необлечен, и странец, та барем преку тоа да нè привлече кон Себе, со желба да биде нахранет и облечен од нашите раце, и да биде примен. Затоа, браќа, кога гледаме некој беден, да гледаме на него како на Самиот Христос и да го примиме со милост и со љубов, давајќи му од своето изобилство, што Он ни го дал за наше совршенство, преку кое ние можеме или да се спасиме, или да се погубиме, ако го пазиме само за себе. Бог не го бара тоа од нас за да се збогати Он, ниту да се нахрани или да се напои, ниту да се стопли. Преку милостината Он сака да нè украси со венец и да ги почести оние што Го почитуваат Него.

Ве потсетуваме, браќа, и за ова: да се соберете оваа ноќ во црква, да слушнете за страдањата Христови, што ги прими заради нас нашиот Бог и Создател. И сè она што ќе го слушнеме, да побрзаме и да го извршуваме, за да бидеме Негови синови и наследници на царството Негово, во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому нека е слава во вековите.

СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ СОБРАНИ ДЕЛА: СЛОВА, ПОУКИ, ЖИТИЈА во редакција на протопрезвитер Јован Таковски во издание на САС на МПЦ-ОА, 2012

Извор: http://pravoslavie.mk.