САД го поддржуваат Преспанскиот договор со Грција и беа разочарани што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го користеше уставното име С. Македонија при инаугурацијата на функцијата, рече во разговор за СДК Елизабет Ален, потсекретарка за јавна дипломатија и односи со јавноста на Стејт департментот.
Ален со вчерашната посета на Македонија ја заврши турнејата низ земјите на Западен Балкан, при што ги посети Босна и Херцеговина, Србија и Косово.
На прашањето што би се случило ако новата македонска влада реши да не го почитува Преспанскиот договор со Грција, дали и што САД ќе променат во поддршката за Македонија, Ален изјави дека несака да прејудицира ништо, но се надева дека Преспанскиот договор ќе се почитува.
– Се разбира, ние го поддржуваме Преспанскиот договор и бевме разочарани кога видовме дека претседателката не го користи целосното и формално име С. Македонија. Ќе следиме да видиме што прави владата. Во постојан дијалог сме со владата која е во тек на формирање. И затоа, тука не би прејудицирала никакви последици, но, секако, би се надевале и охрабруваме дека лидерите на С. Македонија ќе се придржуваат до меѓународните договори, рече Ален.
Амбасадата на САД во Скопје на својата ФБ страница објави дека Ален денеска за време на посетата на земјава, имала средба со експерти за интегритет на информации на која се разговарало за заштита на слободните и отворени општества од малигни влијанија. Таа го посетила и археолошкиот локалитет во Стоби.
Посетата на Ален на Македонија е дел од нејзината регионалната турнеја со цел да се продлабочат партнерствата со земјите од Западен Балкан и да се унапредат заедничките цели за регионална соработка и европска интеграција.
Фото: Амбасада на САД во Македонија