Русија ќе ги анализира ограничувањата наметнати од Полска за движењето на руските дипломати на нејзина територија и ќе преземе одмазднички мерки, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Русија ќе одговори на таков начин што на русофобичното полско раководство ќе му биде многу жал“, рече Захарова, пренесе ТАСС.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски претходно денеска изјави дека Полска ќе воведе ограничувања за движењето на руските дипломати на нејзина територија поради вмешаноста на Москва во хибридната војна против Европската унија.
Односите меѓу Полска и Русија се затегнати по избувнувањето на конфликтот во Украина во 2022 година, објави Ројтерс.
Варшава ја обвинува Москва и за шпионски активности и саботажа на територијата на Полска.
„Се надеваме дека Руската Федерација ќе го сфати ова како многу сериозно предупредување“, изјави Сикорски за новинарите во Брисел.
Тој додаде дека за оваа одлука ќе биде известена руската амбасада во Варшава и дека ограничувањата за движење важат за сите вработени во амбасадата и конзулатите, освен за амбасадорот, пренесува Танјуг.