Моето разрешување е незаконско, бидејќи во техничка Влада, не може ниту да се именуваат, ниту да се разрешуваат директори. Ова го изјави доктор Марјан Шокаровски, на денешната прес-конференција на ЈЗУ Универзитетска клиника за државна кардиохирургија, нагласувајќи дека не се точни наводите дека смртноста на Кардиологија се зголемила откако тој е назначен за директор, туку, како што наведе, постои тренд на намалување на смрноста.
Според него, ова е оркестриран напад со цел да се уништи државната кардиохирургија, а демантираше и дека постојат 170 фантомски пациенти.
– Ги повикувам институциите најитно да реагираат. Дополнително министерот за здравство го разреши координаторот за развојот на кардиоваскуларната хирургија при министерството за здравство, Александра Ефтимова. Истовремено и го раскина договорот на координаторот за срцевата трансплантација при Министерството. Оттука се наметна нашето прашање, дали се работи за оркестриран напад против државната кардиохирургија, а со тоа и напад на јавното здравство. Која е потребата на министерот во заминување да направи вакво пореметување на една успешна приказна? Кому тоа му одговара?, јавно праша тој.
Според него, членовите на комисијата кои се назначени од министерот да ја анализираат работата на Клиниката и да ги толкуваат бројките, се доктори кои немаат никаков контакт со кардиохирушки пациенти, ниту пак практично искуство во кардиохирургијата.
– Дури, еден од членовите на комисијата беше кандидат за директор на нашата клиника пред шест месеци, со што се доведува во прашање неговата објективност. Да ги потсетам оние кои тоа го знаат и воедно да ги известам оние кои не знаат, постои наука во медицината која се вика медицинска статистика, одговорна за статистичка обработка на податоците и таа е единствена релевантна област во медицината која може и треба да ги даде процентите, подвлече Шокаровски, посочувајќи дека не е точно дека се зголемила смртноста откако е назначен за директор.
Второ, можеби и позначајно, нагласи тој, постои тренд на намалување на смртноста низ месеците.
-Последните 5 месеци покажуваат дека нашата смртност е пониска од предвидената, подобри сме од она што се очекува, истакна Шокаровски.
Понатаму, рече, се појавија информации за наводни 170 фантомски пациенти кои не постојат во системот.
– Најостро ја демантираме оваа невистина. Всушност нашата анализа и контакти со мој термин, покажаа дека постои техничка грешка во пренесувањето на информациите од софтверската програма која ние ја користиме за евиденција на пациентите до мој термин. Дел од пациентите кои се третирани на нашата клиника, нивните отпусни писма не се пренесени во мој термин поради овој софтверски пропуст. Тоа не значи дека овие пациенти се скриени, или фантомски или избришани, како што тврди министерот. Сите тие имаат уредни, детални отпусни писма, што секако може да се провери. Исто така, проблемот е во период кој е многу подолг од мојот мандат како директор и всушност постои долго пред да бидам назначен, рече тој.
Притоа нагласи дека во оваа клиника работи персонал кој пожртвувано се бори за секој пациент.
– Единствено на нашата клиника се изведуваат повеќе врвни кардиохируршки процедури, меѓу кои е и трансплантацијата на срце, на која сите треба да сме горди. И кога сме кај статистиката, процентот на преживување е подобар од светскиот просек. Некои подмолни сили сакаат овој напредок да го омаловажат и изгаснат, нагласи Шокаровски.
Во изминатите години, рече, на оваа клиника, а во склоп на медицинскиот факултет во Скопје, едуцирани се четворица специјалисти по кардиохирургија, кои денеска самостојно извршуваат скоро цела палета на кардиохируршки операции, и оти заедно со анестезиолозите и средниот медицински персонал се обучени за најкомплексните процедури кои се работат само во оваа болница.
– Многу сегменти од државното здравство и образование се засегнати со последните случувања. Ги повикуваме институциите, медицинскиот факултет, министерството за здравство и образование, да реагираат. И после се, ние веруваме во институциите на државата. Воедно бараме да се изврши ревизија на сите дипломи, почнувајќи еве од нашата клиника. Да завршиме еднаш засекогаш со самопромовирање на експерти во кардиоваскуларната медицина, рече тој.
На јавноста и ја должиме вистината и стручноста и затоа ќе продолжиме да ја вршиме одговорно дејноста за која сме едуцирани и за која сме им потр ебни на граѓаните, рече Шокаровски.
Прашан дали од новиот министер за здравство очекува подобри услови за работа, рече дека очекуваме, како и подобри политики во кардиоваскуларната хирургија.
Фото: МИА